Фановите на ракометниот клуб Металург разочарани по одлуката на клубот да го суспендира Дарко Станиќ откако на последниот меч против Динамо Минск тој не сакаше да влезе во игра. Голем дел од навивачите сметаат дека токму Дарко Станиќ е „виновникот“ што Металург се најде во Лигата на шампион. Велат секој може да има жолта минути, а очигледно е дека има многу проблеми во клубот, прашуваат што е со платите кои не им биле исплатени на играчите…
– Денес Станиќ, утре друг, а задутре трет ракометар вака ќе реагира. Очигледно дека проблемот не е до играчите – коментираат фановите.
– Металург без Станиќ, исто како подрум без ајвар!
– Зошто не кажете за платите што ги должите на играчите, ма будала е што воопшто влезе да игра. Ако е Македонија, па може да се зезате кога сакате ќе им давате пари… И вие сте биле добро организиран клуб!

На ваквите коментари на страницата на Металург на „Фејсбук“ тимот одговара:
„Не е прва реакција ова на Дарко Станиќ сезонава. Имаше неколку вакви реакции и наштетувања на имиџот на клубот. Последните недели го немаше ни на тренинг. Се сложуваме со вас дека станува збор за квалитетен голман, но има некои правила кои треба да се почитуваат и кои важат за сите играчи. Сепак, никој тука не е хуманитарно. За тоа е платен“.
Има и фанови кои ја оправдуваат суспензијата. Сметаат дека и со друг голман, Металург може да постигне многу.
– Сите вие што пишувате дека Металург ќе пропадне без Станиќ, срам да ви е!
Како тоа пишувате дека за 90% од успехот на тимот бил задолжен само еден човек? Да ве потсетам дека ракометот е пред сѐ тимски спорт, а не индивидуален – се дел од коментарите на оние кои ја поддржуваат одлуката на Клубот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


