
Македонскиот вицешампион Металург денеска официјално, со одлука на Дисциплинската комисија на клубот, го суспендираше еден од своите најдобри ракометари, српскиот голман Дарко Станиќ по инцидентот со одбивањето да влезе во игра на натпреварот од Лигата на шампионите против Динамо Минск.
Од РК Металург се вели дека Станиќ е суспендиран, и нема да биде во комбинација за настап на натпреварите се додека трае дисциплинската постапка и изрекувањето на конечната казна.
„Одлуката за суспензија е донесена по пријава на Претседателот на УО на РК Металург, Ристо Чокрев (во име на клубот) и помошникот тренер на РК Металург, Александар Петровски, за сторен дисциплински прекршок на меѓународниот натпревар против екипата на Динамо Минск. Изречена е автоматска суспензија на ракометарот Дарко Станиќ, што ќе трае до завршувањето на дисциплинската постапка и изрекувањето на конечната казна. Суспензијата е изречена согласно членот 41 од дисциплинскиот правилник на РК Металург“ – се вели во официјално соопштение од РК Металург.

фото: Спортклуб
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


