На денешната прес конференција портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов ја обвинин министерката за Култура Елизабета Канческа-Милевска за милионски криминал.
-СДСМ има одговорност и обврска пред граѓаните, да го разобличи милионскиот криминал поврзан со Скопје 2014. Затоа, денес, јавно, ќе ги објавуваме сите дополнителни 40 договори за објектот „Стар театар“ вредни над 33 милиони евра. Јавноста нека види кој манипулира а кој зборува вистина, рече Шилегов.
Тој ја повика Канческа-Милевска да ги објасни 40 дополнително договори.
-Госпоѓо Канческа Милеска, овие 40 дополнителни договори од Бирото за јавни набавки за Стар театар, во вредност од 33 милиони евра, велите дека се лажни? Ќе наведам неколку. Дали е лага овој договор, за дополнителни работи за објект Стар театар за изведба на хидротехнички инсталации склучен на 18.06.2013 година во постапка со преговарање, без оглас, без меѓународна објава и без електронска аукција, вреден 46.212 евра? Дали е лага овој договор за изведување на дополнителни и непредвидени работи на објект „Стар театар“, склучен на 20.12.2012 година, во постапка со преговарање, без оглас, без меѓународна објава и без електронска аукција, вреден 225.449 евра? Дали е лага овој договор за дополнителни и непредвидени работи за објект „Стар театар“, склучен на 03.11.2011, во постапка со преговарање, без оглас, без меѓународна објава и без електронска аукција, вреден 348.649 евра? Дали е лага овој договор за изведување на дополнителни и непредвидени работи за објект Стар театар, склучен на 24.01.2012 година, во постапка со преговарање, без оглас и без меѓународна објава, вреден 244.456 евра? И дали е лага образложението дека „таквите дополнителни работи или услуги не можат да бидат технички или економски одделени од основниот договор „без поголеми проблеми за договорниот орган“? Дали госпоѓо Канческа Милеска е лага овој договор за дополнителни и непредвидени работи, склучен на 14.03.2012 година, во постапка со преговарање, без оглас, без меѓународна објава и без електронска аукција, вреден 369.910 евра? Дали е лага овој договор за изведување на дополнителни и непредвидени работи за објект Стар театар, склучен на 06.09.2012 година, во постапка со преговарање без оглас, без меѓународна објава и без електронска аукција, вреден 57.655 евра? Дали госпоѓо Канческа Милеска е лага овој договор за дополнителни и непредвидени работи на Стар театар, склучен на 18.09.2012 година, исто така без оглас, без меѓународна објава и без електронска аукција, вреден 706.286 евра? –праша Шилегов.
Јавно ја повика министерката да го објави основниот договро за објектот „Стар театар“.
-Ако некој шири лаги и манипулации тоа е Министерството за култура. Дрскоста на министерката само го покажува нејзиниот страв од соочување со вистината не само за овој објект туку за сите објекти од „Скопје 2014“. Во меѓувреме, додека ја поднесе тужбата, министерката Канческа Милеска ја повикуваме на јавноста да и го објави основниот договор за објектот „Стар театар“.
Од министерството за култура ги демантираат наводите на Шилегов, најавувајќи тужба за навреда и клевета.
-Во врска со прес-конференцијата на портпаролот на СДСМ, Петар Шилегов, одржана денеска во 14 часот, ја информираме јавноста во Република Македонија дека, според најавите што ги дадовме во текот на вчерашниот ден (понеделник 21 октомври), Министерството за култура поднесе пријава против лицето Петре Шилегов до надлежниот Суд согласно со Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, се вели меѓу другото во демантот.
-Господине Шилегов, Министерството за култура поседува видеозапис од вашата прес-конференција со кој, во судска постапка многу лесно, повторно ќе докажеме дека вие и вашата партија СДСМ се служите со лаги и невистини и ја манипулирате македонската јавност. Искрено ви благодариме, за укажаната можност, повторно, пред надлежните судски инстанци да дадеме транспарентен отчет за нашата работа и во оваа смисла, ве уверуваме дека и неаргументираните изјави изречени на денешната прес-конференција ќе бидат составен дел од споменатата тужба, се вели во демантот од Министерството за култура.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


