Кире Наумов во име на СДСМ денеска се осврна на мерките од партиската програма, истакнувајќи ги причините за нив. Повикувајќи се на податоци од Светската банка, Наумов посочи на социјална раслоеност најголема во Европа, како и на тоа дека најбогатата петина од граѓаните располага и троши доход колку и сите останати четири петтини и дека најбогатата десетина од граѓаните располага и троши доход кој е за 17 пати поголем од доходот на најсиромашната десетина од граѓаните.
-Нееднаквоста во распределбата на доходот која постои во Македонија денес, е далеку поголема од нееднаквоста која постоела во 1998 година; во текот на тие 15 години во кои фактички е исчезната средната класа во Македонија, СДСМ била на власт само 4 години, а ДПМНЕ 11 години- вели Наумов додавајќи дека „средната класа е потребна за економски развој, вработување, подобар животен стандард и демократија, средна класа мора да постои“.
Наумов ги повтори мерките на СДСМ.
-Враќање на 15% од ДДВ – граѓаните се веќе убедени дека критиките од власта за овој предлог се нејзино чисто инатење; Праведно оданочување на граѓаните – богатите да плаќаат повеќе данок од (по)сиромашните. Или, 9% данок од доход за приходи до 1.000 евра месечно, и 18% за приходите над тоа. Бидете убедени дека единствената причина што владините претставници ја одбиваат оваа мерка е токму фактот дека тие ќе треба да плаќаат повеќе! А не сакаат; Изземање на приходите од земјоделска дејност од персонален данок – бидејќи тие плаќања за земјоделците претставуваат влезен трошок во производството на храна која ја јадеме сите. Тоа е одлична мерка за поддршка на земјоделието, покрај обичното давање субвенции; Можност за донирање до 30% од данокот на добивка (на претпријатијата) во спортот, културата, науката и образованието; тоа е модел кој е познат во многу држави; а тоа што претставниците на владата за ова велат дека е само „мерка за перење пари“, всушност си ги кажуваат сопствените намери; со нормална контрола, тоа нема да може да се прави; Праведност кај данокот на имот – оние кои имаат повеќе станови да плаќаат за нив повеќе данок; јасна и едноставна мерка за воведување праведност во општеството; повторно, бидете убедени дека единствената причина што владините претставници ја негираат и оваа мерка, е фактот дека токму тие ќе треба да плаќаат повеќе! За становите кои ги стекнуваат сега кога се на власт.
Според Наумов, до крајот на неделава ќе бидат претставени уште неколку мерки од сферата на социјалната политика.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.