
Режисерот Миле Гроздановски бил суспендиран, а не добил отказ, реагира Македонската радио телевизија (МРТВ) после пишувањата на медиумите дека Гроздановски заедно со петмина други добил отказ оти не се реализирал преносот на финалето на фестивалот Макфест.
„Осумина вработени во Македонската радио телевизија по неемитување на директниот пренос од Макфест добија суспензија. Меѓу нив е и режисерот Миле Гроздановски“, се вели во соопштението на државната медиумска куќа.
Од МРТВ предупредуваат и дека „објавувањето на имиња кои се дел од работата на комисијата за утврдување на одговорноста согласно колективниот договор е на штета на угледот на лицата чиј степен на одговорност сè уште се утврдува“.
МРТВ најавува детален извештај со предложени санкции за лицата кои се под суспензија откако ќе заврши со работа комисијата.
„Политика на МРТВ е обезбедувње на услови за беспрекорно функционирање на јавниот сервис, а секој проблем при тоа функционирање мора да се реши. Нема да дозволиме да се повторуваат грешки од минатото, јавниот сервис мора да функционира на начин што ќе ги задоволи потребите на граѓаните. Во овој процес нема место за импровизации и самоволие, туку само посветеност на работата“, се вели, понатаму, во соопштението.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


