Фудбалската федерација на Македонија денеска организираше прес-конференција со спортскиот директор Петар Милошевски, а теми на разговор беа националниот тим на последниот квалификациски циклус, оставката на Горан Пандев, за отстранувањето на Горан Попов од репрезентацијата, како и настаните во гардеробата.
Главен приоритет на Федерацијата во наредниот период ќе биде да се обиде да го разубеди Пандев да се врати во националниот тим откако тој самиот изјави дека веќе нема да игра за репрезентацијата.
– Горан Пандев е модел за лидер и капитен, фудбалер од кого ФФМ апсолутно не сака да се откаже и ќе сториме сѐ за да го убедиме да ја промени одлуката што ја изнесе во медиумите, дека сака да ја заврши репрезентативната кариера. Ќе разговараме за сите прашања – посочи Милошевски.
На прес-конференцијата се говореше и за проблемите во националниот тим, од ФФМ одговорија зошто левиот бек на националниот тим Горан Попов е отстранет од тимот.
– Горан Попов беше отстранет од репрезентацијата поради крајно неморално однесување. Таков однос не може и не смее да се толерира иако ФФМ во ниту еден момент не излезе со став дека вратите во репрезентацијата му се затворени. Но, кога човек ќе погреши, треба да направи и одредени чекори. Треба да се извини затоа што, сепак, се работи за репрезентацијата. И покрај тоа, Попов двапати беше контактиран за разговор, и пред мечот со Бугарија и пред мечот со Велс, меѓутоа не беше достапен за разговор – велат од ФФМ.
Моментално македонската фудбалска репрезентација е без селектор, спортскиот директор Милошевски додаде дека сѐ уште нема имиња во оптек, и со никого не е контактирано затоа што, пред сѐ, треба добро да се одредат приоритетите каков селектор ни е потребен, а желбите се да имаме македонски стратег на кормилото на националниот тим.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


