| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО-ДПМНЕ:Зборовите на СДСМ остануваат само лажни ветувања

СДСМ не треба да троши време на празни анализи и празни ветувања. Секогаш кога СДСМ нешто ветува, народот ја трпи штетата. Тие едно зборуваат кога се во опозиција, а сосема друго прават кога се на власт. Можеби најдобро од се е СДСМ да направат анализа на сите досегашни нивни лажни ветувања и катастрофални мерки од кои 200.000 луѓе останаа на улица и се уништи средната класа.

Зборовите на СДСМ остануваат само лажни ветувања, како што беше и нивниот проект за вработување на еден член од секое семејство.

За да постои дебата потребно е СДСМ да понуди издржани и аргументирани проекти. За жал тие повторуваат проекти кои не се применливи и кои во минатото давале катастрофални резултати. Започнаа со целосно промашениот проект за 15% повраток на ДДВ, за кој што очигледно не седнале ни основна математика да направат, а и покажаа базични непознавања на фискалните параметри.

Деновиве тие продолжуваат со нови промашувања. Впрочем истите мерки кои тие ги предлагаат функционираа во деведесетите години кога Владата на СДСМ успеа да ја уништи средната класа. Да потсетиме дека прогресивното оданочување кое го предлага СДСМ постоеше во минатото и како земја поради тоа имавме огромна даночна евазија. Токму реформата на рамен данок е таа која што даде одлични резултати и беше посочувана од домашни и странски стопанственици како вистински потег на Владата.

СДСМ е целосно неинформирана за даночната политика, па предлага даночни ослободувања кои што веќе постојат. Веќе се применува даночно ослободување на земјоделците чиј приход не надминува 5000 евра, а во која група влегуваат поголемиот број на земјоделци во државата.

Тие говорат за уште една слична мерка. Говорат за ослободување на данокот на штедни влогови, нешто што веќе се применува и ќе трае до влезот на Македонија во ЕУ.

Ова само говори дека овие проекти на СДСМ не се ништо друго, туку листа на нереални и банални проекти кои или се неприменливи, или ќе предизвикаат поголема штета отколку корист или веќе се споведени.

Очекувавме дека СДСМ малку повеќе ќе се потрудат да дадат издржана понуда пред граѓаните, но очигледно е дека СДСМ не се менува.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top