– Во обид да ја отфрли одговорноста од себе, а за поднесената усна кривична пријава министерката за култура Канческа – Милевска самата го призна истото што СДСМ го искажа при поднесувањето на пријавата, а за постоење на основано сомневање дека истата сторила кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353, став 5 од Кривичниот закон, за нанесена штета на Буџетот на РМ во вредност од 58 милиони евра – реагираше денес портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.
Повикувајќи се на интервјуто на министерката за култура во „Утрински весник“, каде таа изјави дека министерството нема поврзаност со Општина Центар во делот на проектите од „Скопје 2014“, Шилегов потенцира дека со тоа се потврдуваат тврдењата на СДСМ дека Министерството за култура нема надлежност за иницијативите за подигање на спомен обележјата.
– Во истото интервју, Канческа – Милевска се обидува да ја одбегне и одговорноста за скандалите поврзани со начинот на кој се трошат парите на граѓаните и на кој начин се спроведуваат јавните набавки поврзани со објектите од „Скопје 2014“. Канческа – Милевска ја повикува јавноста да види како се потрошени парите за објектот зад мене, познат како „Стар театар“. – додаде тој.
Според СДСМ, Овој објект првично беше најавен дека ќе чини 6 милиони евра, но неговата вредност, односно потрошените народни пари, како и за други објекти од овој проект на власта, неколкукратно пораснаа.
– Заедно со сите анекси, договори за предвидени и непредвидени работи, објектот „Стар театар“ до денес ги чини граѓаните неверојатни 39 милиони евра. Замислете, дури шест и пол пати повеќе од првично планираната односно најавена вредност. Според податоците достапни од Бирото за јавни набавки, за овој објект, освен основниот договор склучени се дополнителни 40 договори, или анекс на договор во вредност од над 33 милиони евра. Ако се погледне за што се склучени овие 40 договори и анекси, испаѓа власта сакала да прави театар ама не предвидела во тој театар да има мебел, ентериерна опрема, осветлување (број на оглас 22/2010) завеси за сценскиот простор, градежно занаетчиски работи, хидротехнички работи – вели Шилегов.
Шилегов додава дека само овие седум договори, сите склучени во постапка со преговарање, значи во четири очи, без оглас и без меѓународна објава, за дополнителни и непредвидени работи на објектот Стар театар ги чинат граѓаните околу 2 милиони евра.
– Скандалот е поголем ако се види образложението за оправданоста во трошењето на народните пари, цитирам „таквите дополнителни работи или услуги не можат да бидат технички или економски одделени од основниот договор без поголеми проблеми за договорниот орган“ – изјави тој.
На крај портпаролот на СДСМ ја повика Канческа-Милеска да одговори на прашањата на опозицијата како што значи тоа да се потрошат милионски суми народни пари „без поголеми проблеми за договорниот орган“ и дали на овој начин се испумпуваат милионски суми пари од граѓаните кои се слеваат во џебовите на партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


