| четврток, 6 декември 2018 |

Босанската бајка патува за Бразил – Мундијалска самба на „змаевите“

Босна и Херцеговина е во транс и ги слави своите фудбалски херои по историскиот успех и пласман на првиот Мундијал, откако оваа земја се раздели од Југославија. Един Џеко, Ведад Ибишевиќ, Миралем Пјаниќ, Асмир Беговиќ, Сеад Салиховиќ и останатите босански „змаеви“ прикажаа магични игри во квалификациите за пласман на светското првенство во Бразил и сосема заслужено ќе патуваат во земјата на самбата. Командант на фудбалскиот состав за историја е легендарниот Сафет Сушиќ.

Веројатно никој како Босна, на фудбалски план не ги заслужил толку широко и од се срце симпатиите на сите љубители на најважната споредна работа на светот. Подршка пред клучниот меч против Литванија во Каунас, доаѓаше од сите страни на планетата на адресата на Џеко и соиграчите.

„Ако некој заслужи да игра на шампионатот во Бразил, тоа е селекцијата на БиХ. Тоа е модерната фудбалска бајка што заслужува внимание. Играа и офанзивно и убаво за око и тактички совршено, што направи прекрасен спој за успех. Победата над Литванија во последното квалификациско коло е историска за БиХ. Донесе толкава количина на среќа, што беше неопходна за земја што патеше толку многу и толку долго. Ова е подвиг за држава што се уште е премногу дисфункционална. Народот заслужи да се радува, благодарение на извонредните фудбалери“, вели Емир Сито, избеглица од воената катастрофа во Босна, кој моментно живее во Осло, Норвешка.

Lithuania vs Bosnia-Hercegovina

 

Проблемите дополнителен мотив за успех

БиХ, која е поделена на три ентитети, деновиве живее во транс, а радоста по големиот успех и освоеното прво место во  групата е огромна. Над 5 илјади навивачи на „змаевите“ беа во Каунас, Литванија, во живо да го проследат веројатно најважниот спортски натпревар во историјата на државата. И кога беше најтешко, неизвесно, напнато, босанците не го загубија духот. Медиумите во препознатлив стил најавија песна, одлична игра, сигурна победа и пат за Бразил.

„Халид ќе пее, Џеко ќе тресе мрежи, а Босна ќе патува за Бразил“, беше оригиналниот наслов на еден од тамошните портали пред мечот.

И сонот се исполни. Халид Бешлиќ пееше во чест на фудбалерите, Џеко не ја затресе мрежата на Арлаускис, но му асистираше на Ибишевиќ за златниот гол и победа од 1-0 во Каунас, а Босна ќе патува за Бразил на својот прв Мундијал.

Сигурност во конечен успех, а им одговараше само победа, им влеваше квалитетот на репрезентативците предводени од вториот стрелец во европските квалификации Един Џеко (10 гола). Ибишевиќ е зад него со 8 погодоци, а им побегна на врвот само холандскиот ас Робин ван Перси со 11 прецизни удари.

Речиси комплетната репрезентација, поточно носителите на играта настапуваат во странство, во силни клубови. Џеко игра за Манчестер сити, Лулиќ е во Лацио, Пјаниќ во Рома, Ибишевиќ настапува за Штутгарт, Беговиќ го брани голот на Стоук и така редум уште дузина искусни мајстори на фудбалската игра. Рецептот за успех беше подготвен, а го замисли и го спроведе во дело селекторот и поранешен голем југословенски ас Сафет Папе Сушиќ. Мозаикот се склопи и покрај сите проблеми што БиХ и на политички и на спортски план ги има. Навивачите беа во војна со челниците на фудбалската федерација, интервенираше и УЕФА, па фудбалската ситуација дојде на рамниште на политичката, со таканаречена принудна Управа.

Но и тоа не им пречеше на популарните „змаеви“ да се вивнат во висок лет над Грција, Словачка, Литванија, Летонија и Лихтенштајн и да стасаат први на целта во групата Г. Забележаа импресивни 8 победи, едно „златно“ реми во Грција и само еден пораз од Словачка на домашен терен. Со 30 постигнати погодоци босанците се четвртата најефикасна селекција од вкупно 53 репрезентации што атакуваа(т) на 13 места за мундијалскиот самит идното лето во Бразил.

 

Примерот на Ибишевиќ кој го одби американскиот сон за да игра за малата БиХ

 

„Можеше да го живее американскиот сон, но Ведад е дете на Босна, па одлучи да игра за земјата на своите родители и предци“ е описот за Ибишевиќ, во интервјуто за грчкиот портал „gazetta.gr“. Вистинска бајка за посветеност, за чесен однос, за гордост, за љубов. Тоа мораа да го признаат и Грците, кои веројатно беа единствените на планетата што навиваа против БиХ. Тоа е разбирливо, бидејќи тие им беа главни конкуренти за првото место во групата и за директен пласман на шампионатот во Бразил.

„Да ми кажеше некој дека ќе освоиме 25 бода и нема да се пласираме директно на Мундијалот, веројатно ќе кажев дека е луд. Им честитам на босанците за заслужениот пласман на шампионатот во Бразил“, изјави грчкиот селектор Фернандо Сантош.

Кога директниот конкурент што сте го надиграле на гол-разлика ви признае дека заслужено сте го оствариле сонот веројатно поголемо признание и нема. Сите останати искрени љубители на фудбалската игра велат дека „Босанците со игрите и офанзивниот пристап ја враќаат вербата во убавата игра“.

Lithuania vs Bosnia-Hercegovina

А, Џеко вели дека ова е само почеток на прекрасната авантура на фудбалерите од Југозападен Балкан, иако грото играат во клубови од Западна Европа.

„Го поздравувам Бразил и порачувам дека и во земјата на самбата и фудбалот ќе презентираме колку БиХ е моќна репрезентација“. Тој е во идеалниот тим на Европа во изборот на фудбалери во овој квалификациски циклус, а босанските играчи не можеа ниту да замислат подобра почва за презентација на раскошниот талент и квалитети од Бразил. Тоа е земјата рекордер по бројот на светски титули (5) и држава во која фудбалот е религија.

 

Пишува: Зоран Поповски

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top