Ако првата предлог мерка на СДСМ беше голема утка, најновите мерки кои ги предложи се огромен хаос, оценува директорот на УЈП Горан Трајковски. СДСМ повторно под притисок на јавноста и соочен со својата безидејност предложи мерки на штета на граѓаните, и се расфрла со нив, без никаква претходна анализа, и без соодветна издржаност и поткрепеност со факти. И овие мерки како и претходната која ја промовираше Заев се неодржливи, нерационални, без корисност и без ефект, и не само тоа туку тие одат и на штета на граѓаните и компаниите, додава Трајковски.
-Предлогот на СДСМ всушност е зголемување на постоечките даноци или даночни оптоварувања, како Влада сме кажале дека даноци нема да зголемуваме, и тоа го докажавме, односно ги намаливме сите даноци кои претходно СДСМ ги зголеми. Предлогот на СДСМ оди на штета на граѓаните, компаниите и Буџетот, и предвидува и повисоки оданочувања од постоечките- додаваа Трајковски.
Прво, кај данокот за имот предлагаат нова повисока максимална стапка на данок од 0,3%, додека досегашната максимална стапка е 0,2%. Досега граѓаните плаќаа данок на имот- за станот во кој што живеат од 0,05% (како што е предлогот на СДСМ кој не е ништо ново), а за останатиот имот 0,2%. Значи предлогот на СДСМ не е ништо друго освен зголемување на постоечкиот данок за 0,1 процентен поен.
Второ, исто така тие предлагаат зголемување на данокот на доходот од 10% на 18%. Минимално, но во суштина, фиктивно го намалуваат данокот на доход за категоријата “до 1000 евра плата“ за 1%, но затоа со високи 8 процентни поени го зголемуваат оданочувањето за категоријата “над 1000 евра плата“. Во практика со мерката на СДСМ на пример граѓанин што зема плата од 20.000 денари ќе плаќа персонален данок од 1800 денари, а според сегашните закони истиот плаќа 1200 денари. СДСМ не го зема предвид нашето даночно ослободување од 7200 денари кое е воведено со рамниот данок. Ако го разбијат рамниот данок како што предлагаат, ги разбиваат и даночните ослободувања и воведуваат повисоки оптоварувања за граѓаните.
Значи ем поимотните ќе бидат повеќе оданочени, ем и понеимотните ќе бидат повеќе оданочени. Дупло голо, вели народот!
Дури и да се примени предлогот на СДСМ ефектот врз било кое просечно семејство во најголем дел на случаи ќе биде и штетен односно со загуба по граѓаните, а штетните макроекономски последици ќе бидат големи бидејќи ваквата мерка ќе значи притисок врз фирмите не да ги зголемуваат, туку да ги намалуваат платите на вработените.
Рамниот данок е данок кој веќе е стандард во повеќе држави во развој како Република Македонија.
Трето, Заев очигледно нема намера да ја види Македонија во ЕУ. Имено тие предлагаат да се ослободат штедните влогови трајно од оданочување. Ова е спротивно од правилата на ЕУ, кои очигледно ни Заев, ни Шеќеринска не ги познаваат. Владата веќе го има направено ова даночно ослободување, односно ги ослободи штедните влогови од оданочување, и тоа до влезот на РМ во ЕУ. По влезот во ЕУ истите согласно европската регулатива ќе мора да се оданочуваат.
Директот на УЈП Трајковски вели дека рамниот данок овозможи намалување на даночната евазија, зголемување на даночните приходи.
-Да беше добар концептот на СДСМ немаше да има толку слаби фискални резултати додека го спроведуваа прогресивното оданочување. Мерката за ослободување на 30% од данокот на добивка е неприменлива, и води кон коруптивно однесување. Имено, Владата сега има предвидено 0% данок на добивка за компаниите кои својата добивка нема да ја распределат како дивиденда, односно кои ќе ја реинвестираат, и тоа неограничен број години и неограничен број износи. Оваа поволност ја користат најголем дел, огромно мнозинство од компаниите, така да предлогот на Заев е депласиран, затоа што во најголем дел од случаите ова значи ослободување од 30% од 0 денари.
Исто така со мерката за ослободување на 30% од данокот на добивка единствен ефект кој би бил постигнат е формирање и легализирање на црни фондови на средства кои секоја поголема компанија ќе може да ги има. На овој начин секоја компанија ќе може наместо да го плати данокот, да трансферира средства до сомнителни субјекти и потоа тие неоданочени пари да ги користи по разни основи спротивно на планираната намена. Наместо тоа, досегашната наша политика е зголемување на средствата што државата ги одвојува за спорт (изградба на спортски сали, тениски игралишта, фудбалски терени, мултифункционални игралишта и друго ) за култура (инвестиции во инфраструктура, субвенции за музичко творештво, пензии за познати уметници, превод на светска литература на македонски и превод на македонска литература на странски јазици и др.) за образование (изградба и реконструкција на училишта, училишни сали, нови лаборатории, повисоки стипендии, бесплатно школување на светски познати универзитети и друго примери. Нашиот концепт е транспарентен и гарантира незлоупотреба, што не е пример со предлогот на СДСМ.
СДСМ со овие предлози сака да се вратиме во деведесетите, каде што ваков концепт каков што нудат постоеше и не постигна резултати, туку имаше штети. СДСМ повторно покажа дека овие мерки ги правел некој кој очигледно нема допир и искуство со познавање на систем на даноци и буџет, нити пак со економија, а ни стручност ни способност да се управува со процесите во државата, вели директорот на УЈП Горан Трајковски, како реакција на предлозите од СДСМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Пензионерите што немаат дополнителни приходи не треба да се регистрираат за е-персонален данок
-
Ја турка ли СДСМ државата во меѓународен блам?
-
Возило на УЈП превртено стои во река – друго удрено во Битола
-
Важи и за плата и за пензија: Секој што има остварено приход, мора да се регистрира во системот Е-персонален данок