Ме препознаваат, јас низ Скопје имам километража колку градски автобус – низ смеа вели режисерот Борис Дамовски, кој јавноста најмногу го препознава како автор на анимираниот сатиричен филм „Еднооки“. Разговаравме во неговата канцеларија, интересна просторија во која има некоја посебна енергија. Старите камери и фотоапарати имаат своја приказна. Љубител на фотографијата, љубител на видеосликата. Се потсети на своите новинарски денови, кога како 18-годишно момче работел за „Екран“…
Дамовски отворено зборуваше за ноќта кога беше приведен во рамките на полициската акција „Шпион“. Припадници на специјалната единица „Тигри“ влегле кај него дома, но, како што вели, имале коректен однос со оглед на тоа дека има малолетно дете. Смета дека контактите со луѓето за кои се поведе обвинение се причината што и тој се најде на списокот на лица што беа уапсени таа ноќ… Со него разговаравме за антиквизацијата, името, лустрацијата, „Еднооки“, сатиричен филм во кој многумина имале желба да се појават и правеле сè само нивната карикатура да биде дел од следното издание на производот на „Контрабанда“… За тоа Дамовски коментира:
– Имав ургенција од мој пријател за одредена личност да се појави во „Еднооки“.
Бевте и сè уште сте дел од една група луѓе што јавно бараат да бидат прекинати преговорите за името, кои во тој контекст организираа протести против грчкиот шовинизам. Сè уште ли сметате дека не треба да се преговара со јужниот сосед, кој, всушност, објективно и не преговара во спорот за името?
Дамовски: Тој став е непроменет во поглед на неменливоста на името, додека преговорите, за жал, се потребни, но не во овој облик и под овој патронат. За разлика од мнозинството, кое во успешноста на овие преговори гледа само една цел, зачленување во ЕУ и во НАТО, мене и тие цели ми се чинат ненужни.
Може ли Македонија да си дозволи прекин на преговорите во ситуација кога, објективно, Грција е светска дипломатска велесила, која многу лесно ќе ја злоупотреби таквата наша позиција за да нѐ претстави како неконструктивни?
Дамовски: Грција е светска дипломатска шега, далеку од велесила. Таа е третирана како ретардиран роднина со фабрикувано педигре од страна на нејзината „фамилија“ и сега, речиси три века подоцна од стартот на таа операција на европскиот романтизам, ја злоупотребува привилегираната позиција потсетувајќи ги своите творци колку биле наивни, а тие никогаш нема да го признаат тоа. Но, признале или не, присилени се од својот срам да се грижат за тој неуспешен полупроизвод.
Како ја коментирате дволичноста на НАТО каде што со задоволство ги примаат нашите војници во воени мисии, а не сакаат да нѐ направат рамноправна членка и на ЕУ, каде што само за нас не важат критериумите што важат за сите други кандидати?
Дамовски: Како да коментираш дволичност, користољубивост, превртливост? Нашите војници, овенчани и славени во редовите на НАТО, сепак се борат под туѓа агенда, базирана на профит од ропство. Тоа остава горчлив вкус во устата.
Колку Вашето фамилијарно искуство како дете на протерани Македонци од егејскиот дел на Македонија влијае на Вашите ставови и во поглед на името и во поглед на сето тоа што ѝ се случува на Македонија.
Дамовски: Не мислам дека потеклото е клучно во градењето на тие ставови. Која било македонска фамилија каде што се почитувани, славени патриотските вредности и ставови, има исто такво влијание на генерациите што ги воспитува. Единствената предност на тоа потекло е во тоа што од прва рака учиш дека предци од нашите поробени територии го зборувале овој јазик, ја негувале македонската култура со поколенија наназад, а тоа само ме прави малку поинформиран за вистинската историја на македонскиот народ, историја неизбледена со лажниот интернационализам негуван во полувековниот социјалистички период.
Еднаш рековте дека ниту сегашниот премиер ниту кој било друг политичар не влијаел на поголема застапеност на антички идеи во Вашето семејство, туку дека тоа била Вашата баба?
Дамовски: Да, мојата баба Ангелина ни ги раскажуваше легендите за царот Александар додека во училиште нè пумпаа колку умен бил Рекс, волчјакот на Тито. И кому човек да верува? На наставникот, кој среќно се развезува во „стокец“ купен на гага-кредит или на внуката на Петар Дамов Христов – Германчето?
Како ги коментирате сите тие што ја критикуваат таканаречената антиквизација, појава во која покрај комитската и партизанската историја се промовираат и други вредности, карактеристични за античкиот период?
Дамовски: Смешна, неинвентивна, очигледно „надрилана“ да одработи туѓа идеологија. Сето тоа кутро препелкање во себесодомизирање е тажен обид да нè спакуваат во глобализаторската сеедност кон националноста, посебноста. Зад тоа се крие потребата да нè вкалапат со вредности што не му се блиски ниту својствени на Македонецот. Така фино спакувани „индивидуи“ им се потребни како дар на олтарот на новиот светски поредок, но тоа е веќе друга приказна.
Според Вас, колку Македонија има право да ги користи античките вредности ? Може ли Македонија да се откаже од брендот Македонија, брендот што десетина пати се споменува во Библијата и, воопшто, е еден од ретките познати зборови во светски рамки што е поврзан со овој народ. Истото важи и за Александар и за Филип.
Дамовски: По ред: Многу, не и не.
Како реагирате на муабетите дека е можно менување на македонскиот идентитет. Има ли, воопшто, опасност да се смени личниот и националниот идентитет на една цела група, која го создавала со децении и со векови, но и на личниот идентитет на низа генерации што се раѓале и умирале како Македонци?
Дамовски: Тоа е тезата, која заговорниците и поддржувачите на нужноста за промена на името на земјата сесрдно ја туркаат. Надвор ќе нè нарекуваат Клингонци, а самите длабоко во себе знаеме кои сме.
Апсурдноста, навредата содржана во таа теза е неприфатлива за кој било здраворазумен поединец. Жонглирањето со фрази, спинувањето со фактите достигна и академска потврда со разноразните Пи-Ар школи, кои ни се нагрнаа на плеќи. Нам ни останува само да одолееме.
„Еднооки“ во своите скечеви беа жестоки поборници на лустрација, да се изразиме така, антикодошки настроени. Сомненијата против Вас за „Шпион“ се повлечени, но, сепак, какво е чувството да бидете уапсен во акција што се нарекува вака. Груба иронија на судбината, која, веројатно, и Вие како режисер не можевте да ја изрежирате?
Дамовски: Животот носи ситуации, кои ниедно сценарио не може да ги предвиди. За жал, не предвидов ваква ситуација, иако во некои епизоди, а и во мои јавни настапи беа назначени моменти што укажуваа како може да биде контаминиран процесот на лустрација. Македонија сè уште не расчистила со разузнавачките кадри од СФРЈ, поединци што се снашле во времето, но го имаат загубено идеолошкиот компас. Опортуниот, пак, ГПС одлично ги служи. Што се однесува до чувството да си уапсен… Непријатно, ба!
Како се најдовте Вие во таа група приведени во оваа акција? Која е релацијата поради која полицијата се посомнева дека Вие сте дел од „Шпион“?
Дамовски: Во таа акција се притворени и мои добри пријатели, па дури и нашиот заеднички хомеопат, исто така, наш другар. Не верувам дека хомеопатијата е дел од истрагата, како што не верувам дека и обвинението за нив е точно.
Дали ќе се појавите како сведок во случајот? Контактирале ли од полиција или од обвинителство со Вас во периодот откако ве ослободија и не поднесоа обвинение за Вас?
Дамовски: По распитот во полиција, никој не контактирал со мене во врска со случајот, барем не службено. Освен ако некој од загрижените пријатели на слобода што ме прашуваа за премрежето не се тајни агенти? Не се препуштам на такви размислувања за да не станам жив пример за вистинитоста на вицот „ Нее, ти не си параноичен, тебе, навистина, сите те мразат“.
Сметате ли дека од страна на медиумите имаше обид за политизација на вашето приведување?
Дамовски: Обиди… имаше.
Се појави еден текст во кој вашиот малолетен син беше ставен во наслов. Вие на авторот на текстот, а воедно и сопственик на порталот, му порачавте „да не го чеша нешто децата и семејството да Ви ги вади во наслов“… Останува само на предупредувањето или, можеби, подготвувате тужба за клевета или навреда?
Дамовски: Колку и да ме чеша адвокатот во мене, никогаш не сум ја гледал сатисфакцијата во тоа да тужам некого за искажан став или неуспешен спин. Таму каде што запира логиката и елоквенцијата, почнува едно широко поле за натпревар со средства по слободен избор.
Вашето мислење за процесот на лустрација?
Дамовски: Лустрацијата, покрај својот морален аспект за осветлување на темните делови од нашето живеење, треба да го пренасочи својот фокус кон економскиот момент, поточно да разјасни како заплетканите патишта на опортуното владеење со „невидливите“ сили доведоа до прелевање на капиталот од „општествен“ во приватен. Само така гледам вистинска верификација на фактот дека во процесот на приватизацијата беа ограбени учителите, лекарите, војниците, административците, полицајците. На тој начин тој процес ќе биде општоприфатен и имун на кокодакањето на неговите противници.
Кај опозицијата имаше видување за „Еднооки“ дека е создадено за нивно исмејување, скечевите за Груевски беа само обид за некаква уметничка објективност? Кој е Вашиот коментар на ваквото толкување на Вашата работа?
Дамовски: Сатирата не е Пентагон за да се правда со легитимна цел или, пак,со колатерални штети. Среќен момент за Груевски е само тоа што двајцата автори на тоа дело се македонисти, ерго десничари во главите на левицата. Несреќен момент кај левите е, пак, нивната подготвеност за распродажба на име, идентитет, подготвеност на понизни компромиси. Инаку, и левата и десната опција се доволно забавни сами по себе. А тоа што и двете страни ги засега е нашиот несомнен успех кај гледачите и поддршка за таквиот начин на гледање на работите. Ако земеме предвид дека и двете страни располагаат со сигурна бројка на гласачи на избори, само да ја истакнам нашата сигурна бројка на гледачи неделно. 200.000 до 250.000.
За многумина беше предизвик да се појават во „Еднооки“. Со нетрпение ја очекуваа секоја следна епизода, притоа цела недела провоцирајќи за да Ви го привлечат вниманието и да се „позанимавате“ со нив. Имаше ли и такви што Ви испраќаа директни пораки дека сакаат да ги има во „Еднооки“? И обратно, имаше ли такви што бараа да ги нема?
Дамовски: Да, имаше моменти кога амбициозни поединци се препознаваа во сосема небитен лик на „статист“ во сцена и потоа прашуваа дали се тоа тие, па сѐ до телефонски закани по живот промрморени од јавни говорници за мојата сопруга, која беше во деветтиот месец на бременост. Среќа , Арна се покажа како многу поголем маж од нив и мирно ги наведуваше подолго да ги образложуваат нивните мотиви.
Зошто прекинаа „Еднооки“, кога се работеше за еден од ретките ТВ-проекти, кој со душа се чекаше покрај малите екрани?
Дамовски: Кога се донесуваше законот против мобинг требаше да има и клаузула против економскиот мобинг, кој постојано ни беше вршен од страна на телевизиите. „Еднооки“, со просечна гледаност секогаш при врвот на најгледаните емисии, носеше добар профит за нив. Огласувачите, и покрај тоа што не сакаа да бидат директно вклучени во производот, со радост ја прифаќаа и плаќаа можноста да се рекламираат во термините пред и по емисијата. Тој успех не беше рамноправно делен.
Се чини дека на Вашиот цртач Тхе Мичо му дојде преку глава од сѐ во Македонија, па замина за Канада, па за неговата одлука го напиша анимираниот расказ „Да Т’бам штркот“. Дали кај Вас понекогаш се појавува таква желба – да се одлета засекогаш од овде?
Дамовски: Тхе Мичо е еден од ретките касметлии што можат да работат од каде што сакаат и во исто време да бидат глобално присутни. Тој работи од Широк сокак и не знам за неговите натамошни планови.
Мојот избор за живеење, по години поминати низ светот, е Македонија. Јазикот, земјата и луѓето се дел од мојата личност, карактер, чувства и припадност.
Успеа ли Македонија да се оттргне од балканската малограѓанштина и паланечка философија, според која да се седи мадро и да се преживее е стопати подобро од обидот да се биде храбар и да се ризикува добриот глас?
Дамовски: Некои од нас да, некои – не.
Според вас, кои се најголемите опасности за опстанокот на македонската нација?
Дамовски: Образованието лишено од логика, исплакнато во новоговорот на политичката коректност. Непријателски расположениот слободен капитал камуфлиран во донации, грантови, НВО, кои се само подружници на банкарската логика на тие божемно подарени пари. Колонизацијата со туѓи приказни, вредности и навики преку бескрајната сурија супстандардни играни серии по телевизиите.
Списокот е долг, но најголема опасност сме ние самите, се разбира. И тоа од слеп инат, зачинет со индивидуална алчност.
Каква Македонија посакувате или каква би ја направиле доколку имате моќ да го направите тоа?
Дамовски: Македонија во која има леб и правда за секого.
Разговараше: Билјана Зафирова, Александар Божиновски
Фото: Ѓорги Личовски
(Интервјуто е објавено во 58. број на неделникот Република)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Петиција потпишана од интелектуалци, новинари, филмски работници: Бараме правда за Борис Дамовски
-
Апелација одлучи: Борис Дамовски останува во притвор
-
Дамовски: Прекршија еден куп закони, затоа ќе ги затрупаме со тужби
-
Влегоа, погрешија, не не послушаа: Тоа е навреда и за иницијативата, но тоа се наши браќа.