-СДСМ го поздравува петтиот извештај со препорака за отворање на преговори на Република Македонија и не само што го поздравуваме, туку ја поздравуваме и Европската Комисија што и овој пат не ги стави во заложништво оние повеќе од 90 отсто граѓани на Република Македонија коишто веруваат во евроинтеграцијата на нашата држава. Велам, не ги стави во заложништво, заради лошите политики на Владата на Република Македонија. Ако го следевте внимателно обраќањето на комесарот Филе претпоставувам дека забележавте, дека, за разлика од начинот на кој се обраќаше кон другите држави, за Македонија во ниеден момент не го спомна зборот “прогрес“, што за секој кој го познава барем малку евробирократскиот вординг е една индикација, една индикативна забелешка околу тоа каков е во овој момент ставот на Европската Комисија за прогресот на Република Македонија кон евроинтеграциите – посочи Гордан Георгиев од СДСМ на Извештајот на ЕК објавен денеска.
Тие нагласуваат дека Албанија доби кандидатски статус, а Србија доби силна препорака да започне преговори во јануари.
– Со ова се покажува повторно дека Македонија е ставена на маргините на и онака маргинализираниот Западен Балкан. За нас овој извештај, а тоа беше случај и со претходните извештаи, е полош од лани и тоа накратко ќе го аргументираме сега, бидејќи се’ уште траат анализите околу специфичните препораки и опсервации. Лошата состојба се гледа собено во судството каде што повторно се потенцира уназадување во смисла на селективна правда, политички притисок кон судството и корупција. Крајно е загрижувачки ставот на Европската Комисија во областа на слободата на изразување и целокупната состојба во медиумите и повторно, овој пат на погруб начин, од Македонија се бараат конкретни резултати во областа на корупцијата и организираниот криминал – изјави Георгиев.
Тие нагласија и дека ЕК бара одвојување на државата од партиите.
-Претпоставуваме дека ако една партија е на власт седум години – ВМРО-ДПМНЕ, ова не се однесува на СДСМ туку на целата оваа спрега меѓу администрацијата, власта и партијата ВМРО-ДПМНЕ – коментира пратеникот од СДСМ.
Понатаму додаде:
Уште една напомена околу најавата т.е. барањето на комесарот Филе за отпочнување на скрининг за Република Македонија за 23то и 24то поглавје, да потсетам тоа е за слобода, правда и безбедност и правосудство и основни права. Значи целиот корпус на она што се нарекува демократија и владеење на правото во Република Македонија.
Дај Боже да почне таков скрининг зошто мислиме дека таквиот скрининг ќе покаже што Владата во овие 6-7 години не сработила на полето на демократија, судство, корупција, основни човекови права и преку тоа ќе се отвори и Пандорината кутија во Република Македонија, а тоа е околу недемократскиот капацитет на оваа Влада. Јас не можам да проценам во моментов, но мое лично мислење е дека мали се шансите да добиеме таков скрининг.
Мислам дека повторно ќе бидеме блокирани од Европскиот Совет, но Дај Боже тоа да го почнеме, за да Република Македонија напредува во евроинтеграцијата и за да се види на кое дереџе е падната Република Македонија и како стоиме во областа на демократијата и човековите права.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.