
Кошаркарите на Рига уште од самиот почеток настојуваа да го диктираат темпото, во неколку наврати стигнувајќи до предност од четири поени. МЗТ не дозволи противникот да се одлепи, со тројката на Дејвис намали на еден поен негатива, за првата четвртина да заврши со конечни 14-11.
Младиот Горјан Марковски доби шанса на стартот на второто полувреме и веднаш одговори со тројка за израмнување од 14-14. Домаќините инстираа на тројки иако во низа беа непрецизни, па Чековски со четири поени во серија го донесе МЗТ во водство од 14-18, па тренерот на Рига побара тајмаут. Летонците одговорија со серија од 5-0, но МЗТ одговори со нови успешни реализации во нападот преку Чековски и нашиот тим одново поведе со четири поени (20-24). Двете екипи играат израмнето до крајот на полувремето, па на одмор се замина со нерешен резултат 33-33.
Шутот од далечина функционираше, Синовец и Лучиќ погодија тројки, па двата тима се менуваа во водство и во првиот дел од третата четвртина. Гечевски своите први поени ги постигна во третата четвртина, а потоа и стигна до три лични грешки, па мораше да биде повлечен од игра. Токму по излегувањето на нашиот најдобар кошаркар Летонците предводени од Браун влегоа во ритам, стигнувајќи и до позитива од пет поени за прв пат во натпреварот (50-45). Браун беше фантастичен во овој период, но МЗТ предводен од Чековски остана во мечот, пред Костоски со тројка во самиот финиш од третата четвртина да израмни на 56-56.
Македонскиот првак многу лошо го стартуваше последниот период ое мечот, кога Рига постигна десет поени за две и пол минути игра и поведе со огромни 66-56. Вукоичиќ зеде тајмаут и го врати Гечевски на терен, по што МЗТ врза четири поени во низа. МЗТ намали на 66-62, но потоа следеше петтата лична грешка на Оташевиќ, кој беше одличен во одбраната и на оваа средба. Веднаш потоа проработе шутот од далечина на домаќините, кои реализираа тројки преку Бајрамовиќ и Браун, па се одлепија на единаесет поени разлика (74-63).
„Металците“ уште еднаш покажаа карактер, па Костоски со пет поени во низа се погрижи да се влезе во неизвесен финиш, намалувајќи на 76-71 на една минута до крајот. Сепак, Рига најпрвин реализираше две слободни фрлања преку Бајрамовиќ, веднаш потоа на Костоски му беше избиена топката при влез кон кошот, па сите дилеми околу победникот беа отстранети, а мечот заврши со конечни 80-71.
Лучиќ беше најпрецизен во таборот на МЗТ со 15 поени и само едно промашување, Костоски и Чековски постигнаа по 13 поени, додека Синовец го заврши натпреварот со 11 поени. Најзаслужни за победата на Летонците беа Бајрамовиќ со 22 и Ди Браун со 19 постигнати поени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


