| четврток, 6 декември 2018 |

Криза и во Кралскиот дворец: Возот на Кралицата Елизабета прескап за одржување

Кралскиот воз на британската кралица Елизабета ќе отпатува во историјата, поради премногу високите трошоци за неговото користење и одржување, објави „А1.он“.

Возот го сочинуваат локомотива и девет вагони, наменети за спиење, за дневен престој и јадење, како и за канцеларии. Годишното издржување на возот чини еден милион фунти, што е два пати повеќе од патувањето со авион. Трошоците за него постојано се зголемуваат, главно затоа што тој е изработен во седумдесетите години на 20 век и неговата трајност завршува за најмногу десет години, пред да биде целосно ремонтиран.

Цената за неговото оддржување останува висока, иако двете локомотиви, што возот ги користи, се употребуваат за влечење и на други композиции, кога не се ангажирани за кралскиот воз.

Последен пат кралицата овој специјален воз го користеше минатата година, за време на одбележувањето на 60-годишниот јубилеј откако таа се наоѓа на британскиот престол.

Еднодневното патување со возот, од Виндзор каде е приватната кралска резиденција, до Јорк во централна Англија, за кралицата и за нејзиниот сопруг, принцот Филип, чинеше 20.200 фунти.

Поради штедење и намалување на трошоците за кралското семејство, кралицата последниве години патува низ земјата користејќи го јавниот транспорт. Кралскиот воз е создаден за потребите на кралицата Викторија и прв пат е користен во 1842 година. Големите трошоци за него, навестуваат дека возот ќе се „пензионира“ онака како што кралската јахта „Британија“ беше повлечена од употреба уште во 1997 година.

Информацијата за веројатната судбина на кралскиот воз ја соопшти главниот кралски сметководител Ален Рид кој денеска беше сослушуван во британскиот Парламент, околу годишните трошоци на кралицата и нејзиното најблиско семејство. Во буџетот за идната година, за кралското семејство ќе се издвојат 38 милиони фунти, или 22 отсто повеќе отколку во претходната буџетска година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top