Да се изберат петте најдобри носачи на звук издадени во 2012 година не е едноставна работа. Се работи за вкус на музика. Затоа решивме изборот да го направиме поинаку – најпродавани албуми годинава – издадени од декември 2011 година па наваму. Ги замоливме во „Југотон“ да ни направат листа на најпродавани македонски носачи на звук годинава. Сѐ уште најпродаван албум е „Roots From The Roof“ од Зоран Маџиров, албум издаден во ноември 2010 година. Но, сепак, решивме да се задржиме на албумите издадени непосредно пред почетокот на 2012 година и во текот на 2012 година. Едни од албумите што ќе остават белег во музичката историја се „АЕИОУ“ на „La Colonie Volvox“, „Ла Кања“ на Мугер Фугер, „Африка“ на „Суперхикс“, ЕП изданието на Кирил Џајковски на кое има шест извонредни композиции. Со албум годинава излегоа и „Рок агресори“ со „Агресор фискултура“… Неодамна во продажба се пуштени и албумот на Каролина „Најубави песни“, на Влатко Илиевски со „Нека биде по твое“, на „Фолтин“ со „Антитело“. .. За крајот на годината, или како што велат на денот за кога е најавен албумот „На крајот на песокот“ на „Беи Д Фиш“… Но, за овие неколку албуми е прерано да се зборува. Во топ 5 влегоа тие албуми за кои македонската публика беше најзаинтересирана годинава.
Гаро и браќата Тавитјан „Македонското срце чука во 7/8“ – овој албум, кој е втор дел од проектот на Тавитјан, излезе на 15 декември минатата година. Кога е во прашање продаваноста на македонските музички производи, овој носач на звук го носи приматот најпродаван албум во 2012 година. Се појавуваат гласовите на Оливер Драгојевиќ, Kалиопи, Влатко Лозаноски, Ристо Самарџиев Жељко Јоксимовиќ, Нина Бадриќ, Сергеј Ќетковиќ, Јелена Томашевиќ, Горан Каран, Антонија Шола, а се содржани песните: „Ој девојче”, „Битола мој роден крај”, „Не кажувај либе добра ноќ”, „Дејгиди луди млади години”… Критичарите велат дека овој албум претставува поинакво видување на македонскиот фолклор.
„Синтезис“ и Наум Петревски – ова е вториот албум по продаваност. Имаа концертна промоција на 17 декември, а љубителите на нивната музика уживаат во десетте вокални песни: „Кираџи млади јабанџи“, „Сулејман седит на кула“, „Моме Стое“, „Река газит малој моме“, „Што си Лено гајлелија“, „Ти ли се најде Лено мори“, „Море кинисала Секулица“, „Стар бел дедо“, „Бликнала вода студена“, „Стојану гости дојдоа“. Албумот претставува ново искуство и нов правец во кој се движи музичкиот израз на „Синтезис“.
„Новиот почеток“ – „Melancholic Machine“ – за некои изненадувачки, за некои сосема очекувано, третиот албум на оваа група се најде на листата најпродавани. Со „Мелахонична машина“ „Новиот почеток“ ја прославија 10-годишнината од постоењето, а на него има 14 песни, меѓу кои и сингловите „Допир“ и „Таму живеам“,„Аматер“….
Влатко Лозановски – „Преку седум мориња“ – овој носач на звук се појави во јуни годинава. Второто дискографско остварување на Лозано содржи 11 песни, меѓу кои се наоѓаат „Летам кон тебе“, „Како ден јасно е“,„Кога мене ќе ме немаш“ и „ Нема ден, нема ноќ“. Гости на „Преку седум мориња“ се групата „Офсајд“ и фолк-пејачката Анета Мицевска. Материјал е во издание на „План Б продукција“, а содржи различни музички правци.
„Слаткаристика“ – „Новиот албум“ – Вториот албум на момчето што рецитира и пцуе се најде на листата на најпродавани албуми годинава. На носачот на звук има 18 песни, а музичките стилови се менуваат во брзина и карактер, одејќи од р’н’б, хип-хоп, хаус, електро, поп, балада, и неколку моменти на дабстеп. Задржан е неговиот стил – нагласени делови на безобразност и иронија. „Милион“, „Ин“, „Олабави ме“, „Tonight“, „Курва“, „Ме боли к**“ се само дел од нумерите на овој албум.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Слаткар ја поддржа кампањата на здружението „Билка“
-
Бизи му врати на Слаткар: Одговор на „Отворено писмо“ (ВИДЕО)
-
„Охридско лето“ го прослави роденденот со „Синтезис“ кој го распосла пред публиката непроценливиот македонски фолклор
-
Промоција на нов албум и монографија на „Синтезис“ по повод 20 години од постоењето на групата







