На 19 октомври 2013 година, со почеток во 10 часот, во Македонската опера и балет ќе се одржи меѓународна конференција за Верди и Вагнер „Погледнете кон минатото за да зачекорите напред“. Овој настан е дел од светската прослава на 200-годишнината од раѓањето на оперските великани Рихард Вагнер и Џузепе Верди, а го организира Здружението на уметници „Продукција“ во партнерство со Македоснката опера и балет и Интернационалниот театарски институт – Македонски центар (во рамките на Универзитетот Евро-Балкан).
Ова е првпат кај нас да се одржи меѓународен настан од ваков вид кој ја третира операта.
Имено, целта на конференијата е да понуди платформа за дискусија и размена на мислења за некои од прашањата кои го засегаат оперското наследство на Џузепе Верди и Рихард Вагнер и преку анализа и истражување на влијанијата што историските и современите начини на поставување и изведување ги имаат врз нивното бесценето оперско наследство да помоге да се прошири разбирањето на нивните оперски дела како и нивното место во музичкиот театар денес.
Настанот ќе пречека повеќе еминентни гости-говорници од оперската фела (диригенти, режисери), но и говорници од други професии (психологија, философија) кои ќе ја збогатат дискусијата преку своите интердисциплинарни видувања за оперската култура и искуство.
Претпладневните сесии на конференцијата се резервирани за официјалниот дел каде што говорниците ќе ги презентираат своите трудови на теми од оперската практика на изведување на Вердиевите и Вагнеровите дела, додека во попладневната сесија ќе се одржи панел-дискусија на тема „Оперската култура кај нас“, каде што панелисти ќе бидат наши познати музиколози, публицисти, композитори, оперски пеачи и режисери.
Двата дела на конференцијата нудат можност за интерактивност со публиката, која ќе има можност не само да постави прашања, туку и да го даде своето видување за темите на дискусија.
Конференцијата е отворена за широката публика, а влезот е слободен.
На прес-конференцијата на вашите прашања ќе одговараат челновите на програмскиот совет на конференцијата: Кристина Пешева-Диновска, Дејан Прошев и Оливер Балабурски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.