| четврток, 6 декември 2018 |

Чинии, керамика, бронзени игли… пронајдени со подводните археолошки истражувања кај Врбник

Стручните екипи на Музејот „Д-р Никола Незлобински“ во Струга ги завршија годинашните подводни археолошки истражувања на локалитетот Врбник. Годинава, во истражувањата кои беа пообемни, се вклучија и млади дипломирани археолози со специјалност подводна археологија, а интерес пројавија и институции од странство кои работат исклучително во сферата на подводната археологија.

DSCN0036

Во рамките на истражувањата, откриени се значајни движни наоди, датирани од 6 до 7 век пред нашата ера, периодот кога егзистирала оваа населба. Меѓу предметите се издвојуваат фрагменти од кантаровидни садови, чинии, складишна керамика, фрагменти од питоси, како и неколку бронзени игли. Годинава, археолозите ги завршија и истражувањата за утврдување на контурите и големината на самиот локалитет, кои ги надминаа и ги ревидираа претходните претпоставки и сознанија.

Сите достапни материјали и други научни податоци поврзани со истражувањата на локалитетот Врбник ќе бидат презентирани на посебна веб-страница за овој локалитет, која ќе биде промовирана кон средината на ноември годинава.

vrbnik

Првите сознанија за локалитетот Врбник, кој се наоѓа на северниот дел од Охридско Езеро, датираат од 80-тите години на минатиот век. Неколку пати се извршени археолошки истражувања од страна на Музејот на Македонија и Музејот во Струга, во соработка со Сојузот на нуркачки друштва на РМ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top