Роже Федерер продолжува со бледите игри на тениските турнири, а во континуитет губи од противници што редовно ги победуваше. Овојпат „скалпот“ на најтрофејниот тенисер го зеде Гаел Монфис на турнирот во Шангај. Францускиот претставник досега имаше скор од 1-6 против Федерер, а попладнево го надигра со 2-1 во сетови и го елиминира. Во следната рунда Монфис ќе игра против уште еден тениски ас од врвот, Новак Ѓоковиќ. Ланскиот шампион од Шангај лесно на двапти со 6-3 во сетови го победи Фабио Фоњини. Србинот се жалеше на повреда, но како игра во финишот на сезоната, рутински ги гази противниците и кога не е комплетно фит.
Ако се суди според меѓусебниот биланс против Монфис, тогаш Новак го чека лесна задача и во четврт-финалето. Во вкупно 8 дуели со Гаел, Ѓоковиќ има исто толку победи. Изненадување денеска претпладне направи и Флоријан Маер со елиминација на четврторагнираниот светски тенисер Давид Ферер, и тоа во два сета. Сензационален е и поразот на петтиот носител Томаш Бердих од Шпанецот Николас Алмагро.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


