| четврток, 6 декември 2018 |

Операција „Претседавач“: Пријавиле отпад и ги разграбале магацините на „Машинопромет“

МВР, доцна синоќа, поднесе кривична пријава за 12 лица од Скопје и од Штип, во својство на членови на управен и надзорен орган на а.д. „Машинопромет“, сопственици на приватни правни лица: „Ин-Ком“ ДОО Штип, „Интеркомерц“ ДОО Штип и „Би Метали“ ДОО Штип и службени лица вработени во УЈП поради основано сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување и помагање во истото кривично дело.

DSC_0571

Производите на „Машинопромет“ завршиле во Штип

 

Единаесет од нив се лоцирани и приведени во текот на денот, додека по дванаесеттиот, кој е првоосомничен, сѐ уште се трага.
Според досега документираните сознанија во период од 2008 до 2011 година, пријавените како членови на управен и надзорен орган на а.д. „Машинопромет“, спротивно на Законот за трговски друштва и непочитувајќи решенија од ОСС II Скопје за поведена претстечајна постапка, во кои е изречена мерка за забрана за располагање со имот, во повеќе наврати и во претходен договор со пријавените кои се сопственици на горенаведените правни лица („Ин-Ком“, „Интерком“ и „Би Метали“ од Штип, како и „Сиком“ од Скопје) и спротивно на интересите на Друштвото и акционерите на истото, донесувале одлуки на Управен одбор, коишто од страна на Надзорниот Одбор не се оспорени како противправни, а се со цел незаконито, енормно намалување на вредноста, како и расходување на целокупната стока на залихата во АД„Машинопромет“. Имено, на 06.04.2011 год. на противправен начин со изготвување на документ-испратница која не е сметководствено евидентирана, дозволиле стоката на залиха да биде изнесена од АД„Машинопромет“ и предадена на правното лице „Ин-Ком“.

DSC_0552
Во истиот период УЈП од АД „Машинопромет“ имала даночни побарувања по разни основи (данок на добивка, ДДВ, персонален данок), а поради неможноста да бидат наплатени биле донесени и Решенија за присилна наплата на побарувањата за кои пријавените како извршители од УЈП не превзеле мерки во правец на целосно наплатување на даночниот долг. И покрај побарувањата, пријавените како одговорни лица од УЈП по известувања и барања на АД„Машнопромет“ му дале согласност за оттуѓување на стоката, спротивно на Законот за даночна постапка.
Согласно извршениот вонреден Попис од Јануари 2008 год и Извештајот за проценка на имотот на АД-“Машинопромет“ од Септември истата година, изготвен од страна на “ДКС” ДООЕЛ, вредноста на стоката на залиха со која располагала АД “Машинопромет”-Скопје била во износ од 64.281.043,00денари.
Управниот одбор на АД„Машинопромет“ во текот на 2008 и 2009 година во два наврати, без соодветно образложение ја намалува вредноста на стоката во залиха на АД „Машинопромет од 64.281.043,00 денари до 17.483.598,00 денари, од што се претпоставува умислата за продажба на стоката по ниски цени. Во меѓувреме АД „Машинопромет“ доставува Известување-Барање до УЈП, во кое ги информира дека стоката на залиха со која располагаат е застарена и дел од истата нема никаква пазарна вредност и стоката која е евидентирана во Извештајот од Проценителската куќа „ДКС” со ставка 0 (нула) да биде расходована односно да се отуѓи како отпаден материјал. УЈП во облик на Одговор дава Согласност за оттуѓување на попишаната магацинска стока.

DSC_0551
Со Решенија од ОСС II Скопје од септември 2010 година по предлог од доверител донесено е Решение за предстечајна постапка и предлог мерка за „забрана за оттуѓување на имотот“ на АД„Машинопромет“. Спротивно на ова Решение одговорните лица во АД„Машинопромет“ во текот на април 2011 година вршат продажба на целокупната залиха на трговска стока со која располага Друштвото, како отпадно железо на правното лице „Би Метали“ Штип, но фактички робата завршува и е наменета за правните лица „Ин-Ком“ и „Интеркомерц“ Штип кои подоцна ја пласираат стоката на пазарот со вистинската малопродажна вредност. Имено во АД „Машинопромет“ пронајдена е документација за водење на двојно книговодство, односно испратиници (со иста спецификација – резервни делови, лагери, каиши штрафови) за продажба на „Ин-Ком“ на 06.04.2011 и на „Би Метали“ на 07.07.2011 год.
Како поткрепа на фактот дека станува збор за противзаконско дејствие, говори и податокот дека пријавениот сопственик на „Ин-Ком“ не го уплатил договорениот износ од 250.000,00 денари на АД„Машинопромет“, туку на сметката на правното лице „Сиком“–сопственост на братот на првоосомничениот. Од паралелната евиденција, односно фактурите и испратниците од „Би Метали“ до „Ин-Ком“ и „Интеркомерц“, утврдено е дека испорачаните (фактурирани) резервни делови кон „Ин-Ком“ и „Интеркомерц“ се пласираат на пазарот (иако истите од АД„Машинопромет“ се продадени како старо железо) со што се докажува дека продадената роба како старо железо имала вистинска пазарна вредност.
Со наведените дејствија пријавените лица го оштетиле АД„Машинопромет“ Скопје и акционерите на истото за 64.057.123,00 денари и Буџетот на Р.М во износ од 13.903.887,00 денари (долг на АД„Машинопромет“ по основ на јавни давачки заклучно со 2011 година).
Трговска стока од АД„Машинопромет“ Скопје наводно „продадена“ на „Би Метали“ ДОО Штип, во моментот, во најголем дел се наоѓа во магацинските простории на друштвото „Ин-Ком“ ДОО Штип. Од страна на МВР истата е запечатена, фотодокументирана и оставена на чување во магацинските простории на друштвото „Ин-Ком“ ДОО Штип.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top