Согласно направеното и постигнатото, и оваа година верувам во позитивна оценка и препорака за почнување преговори за членство во Унијата, истакна претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски во обраќањето на шестата конференција на претседатели на Парламенти од земјите на Западен Балкан „ЕУ интеграција: резултати и аспирации“, што се одржува во Будимпешта.
Без оглед на исходот од одлуката на Советот во декември, наведе Вељаноски, Република Македонија ќе остане принципиелна во своите определби, ќе остане посветена и одговорна членка на меѓународната заедница која дава особен придонес во регионалната соработка и добрососедските односи, преку почитување и разбирање, доверба и конструктивен дијалог.
Сите овие години, нагласи Вељаноски, Република Македонија останува силно посветена на постигнувањето на европските стандарди и подигањето на конкурентската моќ на нашата држава, но и покрај потврдите за сработеното и постигнатото, веќе 8 години е кандидат, 4 години добива позитивен Извештај за напредок од Европската комисија и препорака за отпочнување на преговорите за членство, но не и датум за почеток на преговорите.
– Заради условувањето на нашиот јужен сосед, Грција, во Советот на Унијата не може да се постигне консензус за усвојување на одлука за почеток на преговори со Република Македонија. Со наметнатиот спор за името од страна на нашиот јужен сосед се попречува отпочнувањето на преговорите со Унијата. Билатералниот спор, којшто нема никаква поткрепа, ниту оправданост во меѓународното право ултимативно стои пред напредокот на земјата и пред исчекорувањето во евро-атлантскиот интегративен процес, рече Вељановски.
Тој порача дека и покрај сите потешкотии и апсурди што се испречуваат на патот на интеграцијата на Македонија, остануваме силно посветени на заложбите и определбите и оти непоколебливо настојуваме да се изнајде решение за наметнатиот спор.
– Активно и конструктивно учествуваме во преговорите со посредништво на Обединетите нации, но и настојуваме да седнеме на заедничка маса со јужниот сосед за да дојдеме до заемно прифатливо решение. Потребно е максимално рационално да се постапува, за проблемите и спорните прашања да се изнаоѓаат решенија, потешкотиите да се надминуваат, но никако да се тапка во место, да се бега од дијалог, оцени Вељановски.
Според него, многу тешко и напорно е во такви услови и околности да се одржи поддршката на јавноста за членство во Унијата, да се одржи висок процент на проддршка од граѓаните за опстојување на евроинтегративниот пат. Но, посочи, без оглед на околностите, Република Македонија испорачува конкретни и видливи резулати во клучни реформски области кои ќе го подобрат секојдневието на граѓаните.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Членовите на ВМРО – ДПМНЕ ја напуштија седницата за одземање на мандатот на Груевски
-
Вељановски: Нема да учествуваме во менување на Уставот, немате двотретинско мнозинство
-
Вељаноски и Димитриев ќе ги контролираат УБК и прислушувањето
-
ВМРО-ДПМНЕ: Евроатлански интеграции веднаш, но без да се отстапи од државните и националните интереси


