| четврток, 6 декември 2018 |

Од Локалните, до сега Кондарко не закажал седница на ДИК (Видео)

Членовите на Државната изборна комисија Сашо Срцев, Влатко Сајкоски и Анета Стефановска по вчерашното соопштение испратено од ДИК, а по прозивката од премиерот Никола Груевски, за што реагираше и СДСМ, денеска посочија дека воопшто не биле запознаени со содржината на соопштението, заради што се оградуваат од него. Притоа додаваат дека од завршување на Локалните избори 2013 до сега претседателот на ДИК Борис Кондарко не закажал седница или состанок на кој би се дискутирало за избирачкиот список.

„Во врска со соопштението испратено од Државната изборна комисија би сакале да потенцираме дека ние како членови на овој орган воопшто не бевме запознаени нити консултирани за неговата содржина и оттука сметаме дека дел од наводите изнесени во соопштението се личен став на претседателот на Државната изборна комисија, Борис Кондарко.

Во тој контекст би сакале  целосно да се оградиме од наводот дека ние поединечно или заедно на било кој начин ги опструираме или спречуваме активностите поврзани со прочистувањето на Избирачкиот список, како што тенденциозно се посочува и во соопштението од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

Покрај тоа, ние во ниту еден момент не сме ја попречувале работата на Државната изборна комисија како орган надлежен за водење и ажурирање на Избирачкиот список, но исто така факт е дека од завршувањето на Локалните избори 2013 година па до денес Борис Кондарко како претседател на ДИК, кој има законска надлежност да ги закажува и води седниците, воопшто не закажал седница или работен состанок на кој би се дискутирало за Избирачкиот список. Надлежноста на водењето на избирачкиот список е исклучива надлежност на ДИК утврдена со Изборниот законик, што значи дека ДИК ја има водечката улога во тој перманентен процес. Работата на избирачкиот список не е прашање за надгласување или прашање за тесно партиска дневна политика. Водењето на избирачкиот список е една од основните алатки на овој изборен орган.

Точно е дека во моментот, работи Работната група за проверка на избирачкиот список која е воспоставена од Управувачкиот комитет за изборна реформа, чиј член е и претседателот Кондарко. Работната група има мандат да спроведе проверка на податоците во Избирачкиот список согласно претходно усвоена методологија. Со работната група претседава членот на ДИК Бедредин Ибраими, а во работата учествуваат претставници од сите надлежни државни институции, вклучувајќи ги и Министерството за внатрешни работи, Државниот завод за статистика и Управата за матична евиденција како и претставници на парламентарните политички партии.

Согласно информациите кои ги добиваме од колегата Ибраими, работната група функционира беспрекорно при што сите државни институции вклучително и МВР се исклучително професионални и демонстрираат висок степен на подготвеност за соработка во однос на сите обврски кои произлегуваат од работната група, а кои се однесуваат на доставување на прегледи и информации во однос на податоците кои се неопходни за проверка на Избирачкиот список и евентуално отстранување на одредени недостатоци.

И во Конечниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР за Локалните избори 2013 година, во однос на Избирачкиот список се констатира дека  „Од 2010 г. наваму, Министерството за правда  и Министерството за внатрешни работи  извршија неколку управни проверки на податоците за починатите и за запишаните граѓани. Според МП и МВР, како и Државниот завод за статистика, Избирачкиот список е точен до степен на технолошките капацитети“, при што се укажува дека потребно само „ревизија на постапките за составување и одржување на Избирачкиот список што ќе придонесе до подигање на јавната доверба во Списокот.

Оттука, сметаме дека наводите кои ги изнесува, претседателот на ДИК и СДСМ се крајно некоректни и тенденциозни со цел јавноста да добие погрешен впечаток дека надлежните институции не ги исполнуваат своите законски обврски поврзани со ажурирањето на Избирачкиот список. Сметаме дека Република Македонија веќе неколку изборни циклуси по ред докажува дека има капацитет да спроведе фер и демократски избори согласно меѓународните стандарди и практики, за што добивме потврда и од ОБСЕ/ОДИХР и од другите релевантни домашни и меѓународни институции“, посочија денеска тројцата членови на ДИК, Срцев, Сајкоски и Стефановска.

-Во врска со соопштението испратено од ДИК потенцираме дека ние како членови не бевме ниту запознаени ниту консултирани за содржината, па сметаме дека дел од наводите се личен став на претседателот на ДИК Борис Кондарко. Затоа целосно се оградуваме од ставовите дека ние поединечно или заедно ги опструираме или спречуваме активностите поврзани со прочистување на избирачкиот список, како што тенденциозно се посочува и во соопштението од СДСМ.

-Ние во ниту еден момент не сме ја попречувале работата на ДИК како орган надлежен за водење и ажурирање на избирачкиот список. Но, исто така е факт дека од завршувањето на локалните избори до сега, претседателот Кондарко, кој има законска надлежност да ги закажува и води седниците, воопшто не закажал седница или состанок на кој би се дискутирало за избирачкиот список.

Водењето на избирачкиот список не е прашање за надгласување или теснопартиска дневна политика. Водењето на из список е една од основните алатки на овој изборен орган, посочија денеска Срцев, Сајкоски и Стефановска.

-Точно е дека работи работната група за проверка на избирачкиот список воспоставена од управувачкиот комитет за изборна реформа чиј што член е и Кондарко. Со работната група претседава Бедредин Ибраими, членот на ДИК, а во работата учествуваат претставници од сите надлежни државни институции, вклучително МВР, Државниот завод за статистика, Управа за матична евиденција и  претставници од поголемите пол партии. Според Ибраими, пренесуваат тројцата членови на ДИК, работната група функционира беспрекорно.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top