Откако „Вест“ реши да ја стави уредничката на Вечер, Ивона Талевска на листата на новинарки (водителки) за кои се гласаше која од нив би можела без гаќи да му направи интервју на премиерот Никола Груевски, Талевска му врати на својот колега од Вест, Горан Михајловски. Има ли хомосексуалци меѓу новинарите е насловот на веста на сајтот на Вечер, каде се појавува и фотографија од Горан Михајловски.
Талевска беше на листата на Вест во текот на вчерашниот ден, но синоќа мистериозно исчезна, а на нејзино место беше ставена Ирена Спировска. Денес пак целата анкета беше повлечена. Од Вест излегоа со соопштение:
Поради неочекувани притисоци, Колегиумот на Редакција Вест одлучи да ја повлече онлајн анкетата „Која водителка без гаќи пред Груевски?”.
Анкетата, која почна во средата напладне и требаше да заврши денес во 14 часот, беше инспирирана од српската емисија во која водителка без гаќи и со длабоко деколте минатата недела го интервјуирала српскиот премиер Ивица Дачиќ.
„Вест” ја направи анкета во која предложи 10 познати македонски водителки и новинарки, за читателите да изберат која од нив без гаќи да го интервјуира премиерот Никола Груевски. Им се извинуваме на читателите кои гласаа.
Се шпекулираше дека Владата правела притисок да се отстрани анкетата, но од Кабинетот на премиерот демантираа дека се дел од оваа новинарска војна.
-Сакаме да информираме дека Владата на Република Македонија, Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Македонија, било која владина институција, или пак поединец од владините институции, или пак било кое тело или поединец од најголемата партија од владината коалиција, на ниту еден начин нема учество во, како што наведува редакцијата на Вест, вршење притисок за да се повлече цитираната тема, која е нивен слободен избор, во кој избор ниту сакаме ниту имаме намера да се мешаме или пак да коментираме.
Ова е особено значајно да се потенцира, затоа што од известувањето на редакцијата на весникот Вест за притисокот поради кој била повлечена темата, а во кое известување не се наведува од кое лице или од која страна бил вршен тој притисок, читателите и јавноста може да добијат тотално погрешен впечаток дека наводно тој притисок го вршела некоја владина институција или поединец од владините институции или пак партиите кои ја сочинуваат коалицијата, што е апсолутно неточно и невистинито – стои во соопштението од Владата.
Вечер пак, денес објави:
По неколку обиди повторно се најавува геј (сексуална) парада во Скопје. Скопје е либерален град и се очекува дека настанот ќе помине мирно и незабележливо. Во кампањата за овој настан се истакнуваат неколку македонски новинари, кои за многумина тврдат дека се хомофоби само затоа што не се хомосексуалци или нивни приврзаници. Во тие настапи таквите новинари забележително имаат отпор кон жените, а особено кон жените-новинарки.
Ги покануваме читателите да ни посочат имиња на новинари кај кои забележале вакви појави и евентуално да ни пренесат нивни искуства.
Ние, за почеток, ги посочуваме главниот уредник на Вест, Горан Михајловски, поранешниот уредник на А1, а сега на порталот Либертас, Ацо Кабранов, како и неговиот колега, уредникот на Крема, Зоран Василевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


