Европската комисија ќе додели петта по ред позитивна препорака за отворање на преговорите за членство на Република Македонија во Европската унија. Но, во исто време има нов услов – воведување „медиумска култура“.
Според МИА од Брисел, ова се поентите од претстојниот прогрес-извештај што ќе биде објавен на 16 овој месец. Првпат годинава, извештајот на Комисијата се држи во строга тајност и ќе биде познат на денот на неговото објавување.
Откако пред две и три години целосно исчезна, придавката „македонски“ повторно како и лани ќе се најде само двапати во претстојниот прогрес-извештај за напредокот на Република Македонија во евроинтеграциите. Откако лани беше употребена само за „македонска vлада“ и „македонски институции“, овојпат се очекува да биде слично употребена, а не за посочување на „македонски јазик, нација или народ“, со оглед на тоа што лани, на денот на неговото објавување, по интервенција на грчката еврокомесарка за рибарство Марија Даманаки, придавката „македонски јазик“ беше исфрлена два часа пред официјалното објавување на извештајот.
Најново во овој извештај е што во однос на слободата за изразување и слободата на медиумите во Македонија, за што повторно се очекуваат негативни забелешки, Комисијата воведува нов услов – „медиумска култура“. Тоа ќе се бара од Македонија да се воведе иако не е јасно што значи и како истото барање би требало да се спроведе на дело.
Она што уште е недостижно за Македонија, поради грчко-бугарските блокади, освен официјален почеток на пристапните преговори, е и отворање т.н. скрининг процес, што според искуството на Црна Гора и Србија можно е да се одвива и без формален почеток на преговорите. Скрининг е процес во кој се споредува компатибилноста на законите на земјата-кандидат со ЕУ-законите во одредени поглавја. Што се подобро компатибилни тие закони, толку побрзо поглавјата (а ги има вкупно 35) може да се отворат и затворат. Притоа, при секое отворање и затворање на поглавјата, како и отворање и заклучување на преговорите, секоја држава-членка има можност да блокира. Во пракса, тоа значи дека најмалку 72 пати една држава може да го закочи процесот оти во процесот на проширувањето, одлуките и понатаму се носат со консензус.
Она што сегашниот Пристапен дијалог на високо ниво меѓу Комисијата и Македонија го носи е што во иднина може да биде позитивно, оти кога формално ќе се отворат преговорите значи дека некои работи веќе се завршени. Но, формално тоа не значи дека преговорите започнале и е апсулутно далеку од нивна замена.
Она што претстојниот прогрес-извештај за Македонија сигурно ќе го содржи е критика за собраниските инциденти од 24 декември 2012 година со мартовскиот договор, извештајот на ад-хок Комисијата за истрага на тие настани и (не)спроведувањето на нивните препораки. Нашата земја ќе биде критикувана и за немање договор за добрососедство со Бугарија, односно неинтензивирање на преговорите за негово потпишување. Ќе се нотира фрагилноста на меѓуетничките односи со осврт на инцидентите на етничка основа на крајот на минатата и почетокот на оваа година и „планините“ меѓу Македонија и Грција во решавање на спорот за името.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Нова демократија: Нови разговори со Скопје, ако Сириза не успее да го ратификува договорот
-
АВМУ со втор извештај: Медиумите неизбалансирани за референдумот, силно наклонети кон кампањата „За“
-
Столтенберг му ја врачи поканата за почеток на преговорите за НАТО на Заев
-
Ристо Никовски: Почнуваме де факто ужас без крај, ова не е крај на проблемите