| четврток, 6 декември 2018 |

Слатка авантура на Вардар под „Тумбе кафе“, црвено-црните подобри од Пелистер (видео)

Слатка авантура имаше Вардар под „Тумбе кафе“ во Битола, а дома „црвено-црните“ се враќаат со трите бода по победата од 2-1 против вечниот ривал Пелистер. Сензација во Тетово приреди Еуромилк со блескав триумф од 3-0 против реновираната Шкендија. Гостивар и Ренова ги поделија бодовите во 10. коло со реми, 1-1, а во останатите два меча попладнево славеа домашните екипи. Металург со 1-0 го победи Турново, а Напредок со 2-1 ја надигра Македонија Ѓорче Петров.

Пелистер одлично го почна најголемото македонско фудбалско дерби и со голот на Жуниор по десетина минути игра поведе со 1-0. Вардар почна да игра подобро се ослободи од притисокот, а Адемовиќ во 18 минута израмни на 1-1. Со тој резултат заврши првиот дел. Клучниот момент на дербито се случи во 69 минута кога Аце Стојков со гол направи комплетен пресврт и му донесе предност на шампионот од 2-1. Во самиот финиш Пелистер израмни, но голот беше поништен поради офсајд. Настана гужва, но Мечкаровски и неговите помошници останаа на првичната одлука и не го признаа погодокот на Пелистер. Во 94 минута исклучен беше Деспотовски од Вардар, но немаше време за Пелистер да стаса до еден бод. Со победата Вардар изби на второто место со 17 бода, еден помалку од Металург.

Во Тетово Александар Стојановски си поигра со одбраната на Шкендија и на двапати ја затресе мрежата на домашниот тим за убедлива победа на Еуромилк. Првиот гол во 47 минута е дело на Давчевски, кој ја најави сензационалната победа на тимот од Горно Лисиче. Шкендија играше со фудбалер помалку од 29 минута, кога беше исклучен Белица.

 

Табела: Металург 18, Вардар 17, Работнички 16,  Пелистер 16, Ренова и Брегалница по 15, Турново 14, Шкендија 11, Еуромилк 10, Македонија Ѓ.П. и Напредок по 9, Гостивар 7.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top