Театарски премиери, гостувања надвор од земјава, награди, менаџирање на нова театарска сцена – тоа е тоа со што може да се пофалат македонските актерки во 2012 година. Вчера ги објавивме петмината актери што имаа успешна 2012 година. Денес на ред се актерките.
Билјана Беличанец – Алексиќ
Минатата година ја зеде наградата на фестивалот „Војдан Чернодриски“ за најдобра женска улога, за Сара Глембај во претставата „Генетика на кучињата“, која на прилепскиот фестивал беше прогласена за најдобра претстава. Одлично се снајде во улогата на Ифгенија од Македонија во претставата „Архелаос се враќа на Балканот“, претстава што прво ја видовме на „Стоби“, потоа на „Охридско лето“ и на крај на сцената на Драмски театар. За неполн месец подоцна се појави и во новата претстава „Вртелешка“. Освен премиерите, ја гледаме во повеќе претстави, како на сцената на матичниот театар, така и на другите театарски сцени, а моментно се подготвува за новата улога во „Солунски патрдии“.
– Факт е дека 2012 година ми е една од најплодните професионални години во мојата 19-годишна кариера. Бев присутна во медиумите како глас, бев активна и креативна на театарската сцената. Ми се случија неколку премиери, но, сепак, најголем печат во кариерата ми остави Сара од „Генетика на кучињата“, за која и добив награда на „Војдан Чернодрински“. Не заиграв на филм, но кај нас сѐ уште кога станува збор за добивање женска улога на филм е сведено на среќа.Треба да се наместат коцките. Но, не губам надеж дека ќе се појавам и на филмското платно – вели Беличанец – Алексиќ.
Габриела Петрушевска
Оваа актерка го играше францускиот конзул Давид во театарската претстава „Травничка хроника“, последната премиера на Битолскиот театар. Со леснотија се трансформираше во машки лик, што посебно ја фасцинираше публиката. На„ Охридско лето“ ја видовме во улога на кралицата Маргарета во претставата Хенри Шести. Фестивалското жири на фестивалот „Ристо Шишков“ во низата извонредни креации ја издвои токму нејзината улога во оваа претстава, која беше наградена како најдобра претстава во целина. Таа претстава на фестивалот „Светот за Глобус“ ја крена на нозе публиката во театарот „Глобус“ во Лондон. На фестивалот „Војдан Чернодрински“ публиката ја виде во „Вишновата градина“, претстава со која почна и неделата на Битолски театар во Скопје, кога Габриела Петрушевска ја гледавме и во „Јане Задрогаз“, „Опасни врски“, „Хенри Шести“. На анкетата која ја спроведовме на Фејсбук, Габриела Петрушевска собра најмногу гласови за најуспешна актерка во 2012 година.
– Тоа што го посакуваш, сигурно, ќе го најдеш по патот. 2012 година ме награди со многу убави чувства што ме исполнуваат и како човек и како актер – коментира Петрушевска.
Таа како најинтересно искуство го одвои патувањето во Лондон, каде што посебно внимание привлече претставата „Хенри Шести“.
– Знаев дека нема да се посрамиме кога ќе отидеме таму. Но, тој пречек што го имавме, таа атмосфера, таа реакција на публиката е нешто што се случува еднаш во животот. Одев по мојот врв, се надевам ќе има уште многу врвови за мене и за актерите што си ја сакаат работата – додава таа.
Јелена Жугиќ
Во нејзината биографија ќе остане запишано дека во 2012 година таа е првата менаџерка на Театарот на комедијата. Актерката одлично се снајде во улога на директорка на оваа институција. На сцената на Драмски театар се појави во претставата „Генетика на кучињата“, споредна улога, за која беше наградена на фестивалот „Војдан Чернодрински“. Имаше и гостување во Киев на денови на македонската култура со „Александар“. Се подготвува за улогата на Фариме во „Солунски патрдии“.
– 2012 година беше сериозна пресвртница за мене. Од едно влегов во нешто сосема друго. Од комфорен уметник, кој се грижи за својата улога и за претставата во која игра, сега се грижам од конецот на фустанот, изборот на текст, продажба на карти до оформување ансамбл… Ова беше голем предизвик за мене и, на некој, начин самооткривање. Открив некои карактеристики кај себе за кои и јас не бев свесна дека ги имам. Не е лесно да си човек за сѐ. Сѐ уште сум цимер, немаме свои човечки ресурси, свој маркетинг, свое финансиско одделение… Но, уживам во сето тоа. Посебен адреналин и благородно чувство е давањето шанса на млади луѓе да тргнат по патот на својата кариера. И, секако, актерството не е запоставено. Со „Генетика на кучињата“ земав награда. Тоа е најдобрата претстава годинава, која заслужува да излезе надвор од нашите граници. Ја имавме 147. изведба на претставата „Умри машки“… Едноставно, посакувам и успешна 2013 година, да биде олку плодна и успешна – вели Жугиќ.
Нина Деан
Таа е носечки лик во Театарот на комедијата. Нејзиното успешно пробивање во актерскиот свет е доволна причина таа да се најде на нашата листа. Имаше две премиери на сцената на овој театар „Ах љубов моја“и „За секого има по една…“. Годинава доби решение за вработување во новоотворениот театар, но ја видовме и на премиери на други театарски сцени. Во МНТ доби улога во „Животот на Молиер“, каде што Нина фасцинира со одличната игра, рамо до рамо со големите и искусни актерски имиња. Најмладите, пак, ја запознаа преку улогата во претставата „Волшебникот од Оз“.
– Сѐ што еден млад aкатер посакува да му се случи, мене ми се случи во 2012 година. Секако дека ми е многу драго вработувањето во Театарот на комедијата, но како многу убав спомен ќе ми остане премиерата на „Животот на Молиер“, претстава, која ми е многу драга. Имав три комплетно различни улоги – една драмска и две улоги во комедија, но со сосема различни ликови. Се надевам дека следната година ќе ми биде уште поуспешна од оваа, секако, ако не дојде крај на светот – вели Нина.
Јелена Јованова
Мала, но слатка улога во филмот „Во земјата на крв и на мед“ на Анџелина Џоли што македонската премиера ја имаше на почетокот на годината. Ја видовме во „Фирма“ на Нела Витошевиќ, како и во „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“ на сцената на МНТ, каде што игра и во новата претставата „Декамерон“. На сцената во родниот Штип ја фасцинираше публиката со улогата во „Хасанагиница“:
– 2012 ме направи побогата со искуства,побогата со луѓе, побогата со сни, похрабара во мечтаењето и на патот за нивно јаве. Со Синиша, Сенко, Весна и со Игор се „плашевме од животот“, со Нела Витошевиќ и со „Фирма“ се соочувавме со нашите стравови, ја баравме правдата со Драгана Милошевска во „Хасанагиница“ во штипскиот театар, а со Анџелина Џоли и со фамилијата од „Во земјата на крв и на мед“ освоивме две награди на Берлинскиот филмски фестивал и продолживме да крадеме слободно време за да се видиме. Имавме и премиера во Милениум – за ова вечно сум му благодарана на директорот Златко Стевковски. Најдов нов другар, сојузник за нови подвизи со најдобрата Тања Кокев, останав и ќе останам лојална на мојата матична куќа МНТ, која имаше успешна соработка со Театарот за деца и за младинци со „Декамерон“, почнав многу нови работи, чиишто зрели плодови се надевам дека ќе ги соберам годинава. И како мајка со многу деца, кога би ја прашале кое ѝ е најсакано и нема да може да ви издвои ни едно,така и јас не би можела да издвојам, сето ова е спомен од 2012 година и инспирација за уште поуспешна 2013.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.