| четврток, 6 декември 2018 |

Бугарските и македонските академици во обид да ги смират двете земји

akademici

фото: Канал 5

Во градот кој го носи името на револуционерот Јане Сандански Македонските академици заедно со своите бугарски колеги ќе се обидат да креираат услови за целосно нормализирање на односите меѓу двете земји, јавува екипа на Канал 5 од овој бугарски град.

Овде во Сандански денеска и утре членовите на бугарската академија на науки и уметности и 20 члена на македонската академија на науките и уметности ќе се обидат да договорат соработка за четирисетина проекти во разни области од историја и уметност преку инфраструктурни анализи и учество на настани организирани од БАН и МАНУ па се до преводи на книги од бугарски на македонски и обратно.

Првиот човек на бугарската академија на науките Стефан Воденичаров вели дека е чудно што БАН соработува и има потпишано договор за соработка со педесет академии на науки и уметности а досега немал со македонската академија. Оптимист е дека со примерот што ќе го дадат науката и уметностите може да се влијае на политиката таа пореално да ги согледува односите. И неговиот колега од македонска страна првиот човек на МАНУ Владо Камбовски вели дека е невообичаено што иако првичните договори за соработка се потпишани уште пред 14 години МАНУ и БАН досега немале конкретни и суштински заеднички проекти.

Камбовски за Канал 5 вели дека атмосферата на средбата во Сандански е позитивна , дека има многу простор за соработка во интерес на Македонија и на Бугарија и затоа таму каде што има простор за заеднички став ќе биде постигнат а таму каде што тоа не е можно ќе се почитуваат разликите.

Средбата е закажана многу пред завчерашната изјавата на шефот на бугарската дипломатија Вигенин кој во Брисел уште еднаш постави ултиматум дека Софија нема да ја поддржи Македонија доколку не биде потпишан договорот за пријателство и соработка на кој што инсистира Софија.

Извори во двете академии велат дека крајно време е политиката да почне да ја следи науката и да ги релаксира односите меѓу двата блиски народи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top