| четврток, 6 декември 2018 |

Вечерва премиера на „Кавкаски круг со креда“ во Драмски

Премиерата на преставата „Кавкаски круг со креда“ вечерва ќе се одигра на сцената на Драмски театар. Режисер е Златко Славенски, кој исто така се погрижи и за сценографијата, а улогите ги толкуваат: Васил Зафирчев, Сања Арсовска, Благој Чоревски, Борјан Давковски, Рубенс Муратовски, Диме Илиев, Роберт Вељановски, Филип Трајковиќ.

Костимите се на Елена Дончева, додека оригиналната музика од Пол Десо што се користи во претставата ја адаптираше Игор Василев Новоградска.

– Направивме приказна што потсетува дека во огромната џунгла на мрак, лудило, зло и несреќи човекот успева да преживее, слушајќи го исконското, суштината, доброто во себе, срцето – вели Славенски за претставата.

Целта е, додава тој, пред публиката да се отвори аспектот на човештината, што во денешно време често се заборава.
– Се обидовме да го доловиме она што Брехт го напишал пред седумдесетина години, а што е актуелно и денес – истакна Чоревски.

Според Зафирчев, кој по седум години повторно соработува со Драмскиот театар, исклучително е важна можноста домашната публика да се воспита за правење и читање поинаков театар, а тоа го овозможува токму овој текст на Брехт, кој длабоко, трогателно навлегува во човечката душа.
„Кавкаски круг со креда“ на Славенски првпат беше изведена на годинашното „Охридско лето“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top