| четврток, 6 декември 2018 |

Нова плачка од Бугарија: Македонците ни ги украдоа опинците

opinok

Откако ни ја украде половина од историјата, Македонија посегна и врз бугарските црвули (гумени опинци), пишува бугарскиот весник „24 часа“, а пренесе скопскиот портал „Либертас“.

„Овие денови во западната соседка се слушаат изјави дека опинокот е измислен од потомците на Александар Македонски. Според теоретичарите на македонизмот, тие ја основале најстарата славјанска држава. Се нарекувала „Славунија“, а Бугарите во неа биле мала група завојувачи. Македонците се бореле за својата независност, обуени во опинци, а на Бугарите нозете им билe завиткани во партали. Поради тоа, Македонците биле брзи како стрели и добивале битка по битка. Бугарите, пак, се сопнувале на секој чекор и трпеле пораз по пораз. Вистината е дека сите балкански народи имаат придонес во историскиот развој на опинците. Уште во далечната 1883 година, на 22 ноември, опинците биле предмет на парламентарна дебата – дали треба да бидат од штавена или нештавена кожа. Повеќето се заложиле да се забранат нештавените затоа што шират зарази. Имало и поинакви ставови“, пишува „24 часа“.

Потоа весникот објаснува зошто гумените опинци се сметаат за бугарски производ.

„Залезот на класичниот бугарски опинок се случува во 1921 година, кога Иван Ветренски од Пазарџик ја патентирал гумената верзија. Во патентниот регистар иновацијата е запишана под број 17 како “каучуков опинок, респективно црвул”. Во 1923 година под број 275, Хаим Бакиш патентирал и “машина-преса за пресување и вулканизирање на каучукови црвули”. Гумениот црвул направи револуција. Тој е рожба на нашата генијална идеја да се оди лесно, удобно и што е најважно – евтино. Со гумени црвули сеевме, жнеевме и ја прибиравме реколтата во епохата на капитализмот. Со гумени црвули ја освоивме власта на 9 септември 1944 година. Со нив направивме колективизација на селското стопанство. Со гумени црвули денес берат боровинки нашите работници во Шведска. Но, Македонците посегнаа и по нив! Сега ги произведуваат масовно, без да и платат патентно право на бугарската држава. Дури и ја сквернават нашата технологија, кога ги сечат од стари автомобилски гуми. Купишта од тој сурогат можат да се видат по пазарите на комшиите“, пишува „24 часа“.

Неодамна, историчарот и директор на бугарскиот Национален историски музеј се пожали дека Македонците ги присвоиле дури и вампирите.

„Излезе дека и вампирите биле Македонци“, изјави тој, во контекст на обвинувањата од Бугарија дека Македонија постојано ја краде бугарската историја.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top