Како што тоа неретко бидува, вистински големите спортисти се уште поголеми џентлмени. Скромни без оглед на статусот и квалитетот, свесни кога треба да зборуваат, а кога да молчат.
Јасно им е дека иако можеби се близу до врвот во својата дисциплина, не знаат и не виделе се, имаат уште многу да учат.
Ова го знае и плејмејкерот на Лос Анџелес „Клиперс“ Крис Пол, а го има и на ум кога вели дека неговиот нов тренер Док Риверс е голем мотиватор и оти го поттикнал на поупорна натамошна работа уште по првата средба.
„Професионалните спортисти секогаш сакаат некој да ги турка напред и да ги мотивира. Док на нашата прва средба практично ми рече дека се уште не сум постигнал ништо во НБА лигата и практично беше во право“, вели Пол, мислејќи на недостижниот шампионски прстен.
„Не е добро секогаш да имате некој кој постојано ќе ви го кажува она кое што сакате да го чуете“, додава организаторот на играта на тимот од Градот на ангелите.
Пол и опоравениот Блејк Грифин се главните играчи на „Клиперс“, а во клубот пристигнаа и Редик, Дарен Колисон, Џеред Дадли и Ентоан Џејмисн. Заедно со преостанатиот дел од екипата, Пол верува дека овој пат можат да ја освојат титулата.
„Ова е реална цел за некои состави, а јас верувам дека ние сме во тоа одбрано друштво. Возбуден сум поради сето она кое што не очекува во новата натпреварувачка кампања“, заклучи Пол.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


