Терминот Балкан порано беше синоним за конфликт, зборувавме за балканскиот проблем, за балканизација, како дефиниција за означување на некаков немир. Денеска тука во Македонија, во оваа слободна, независна и суверена држава, таа не е повеќе симбол на балканскиот проблем, туку симбол на балканското решение. Навистина ми е драго што можам да оддадам почит на целиот напредок што државата го има постигнато.
Ова го нагласи Тони Блер, поранешен премиер на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, синоќа во обраќањето на самитот за мир, што се одржа во рамки на првиот „Сахара Балкански мировен фестивал“.
Потсетувајќи дека неговата прва посета на Скопје била по косовската криза, а потоа следувал Охридскиот договор во 2001 година, Блер нагласи дека во 2005 година, кога тој беше премиер на Обединетото Кралство, Република Македонија во декември 2005 година го доби кандидатскиот статус за членство во ЕУ. Оттогаш, потенцира, четири пати ЕУ дава препорака за почеток на преговорите, а и НАТО даде до знаење дека се исполнети условите.
Блер изрази надеж дека Република Македонија, колку што е можно побргу, ќе влезе во фамилијата на ЕУ и на НАТО.
– И покрај сите проблеми, Македонија успеа да изгради извонредна држава во целиот овој период. Република Македонија е на вистинското место и време за да ги достигне вистинските вредности – рече Блер, опишувајќи го светот денес во кој живееме. Пред сѐ, смета тој, потребна е обединета Европа, затоа што предизвиците се многу јасни. Според него, Европа мора да се реформира, да се создаде единствена одбрана, енергетика… затоа што Европа има можности кои може добро да ги искористи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.