СДСМ повторно се наврати на ратификацијата на Спогодбата со кој Македонија се приклучува на гасоводот Јужен тек.
-Пред некој ден СДСМ јасно укажа на низа незаконски одредби во Спогодбата за планираниот гасоводен крак од јужниот тек. Посочивме неколку одредби кои се спротивни како на домашното законодавство така и на европските стандарди и политики, посочи Јани Макрадули. За жал, без ниту една дискусија, по кој знае кој пат парламентарното мнозинство остана глуво на аргументите од опозицијата. Покрај нив, и претседателот Иванов без да вложи многу труд, го потпиша указот за оваа ратификација.
-Денес, потврдата на нашите тези стаса од најкомпетентните, Европската енергетска заедница- наведе Макрадули посочувајќи на писмото испратено од Заедницата
„ ЕЕЗ изразува загриженост за усогласеноста на Меѓувладината спогодба за планираниот природен гас, со acqui-то на Енергетската заедница. Секретаријатот смета дека Меѓувладината спогодба не е во согласност со правилата на Спогодбата на Енергетската заедница, кои се однесуваат на распределување на трошоците, пристап на трети страни и утврдување на тарифата. Секретаријатот бара од Владата на Република Македонија да ги достави своите коментари и објаснувања кои се однесуваат на овие забелешки до 14 октомври 2013 година“.
СДСМ бара, пренесе Макрадули, Владата да го достави на јавноста одговорот до енергетската заедница,
-Веднаш да го објави договорот помеѓу Стројтрансгас и Македонски енергетски ресурси, кој да потсетам како одговор на мое пратеничко прашање е таен и од доверлив карактер. Ова го бараме зашто ист таков договор после објавувањето во Србија ја покажа целата мрежа на корупција и матни зделки поврзани во процесот на договарање за гасификација. Бараме и Претседателот Иванов да се изјасни, дали ги имал предвид сите укажувања на експертите од Европа и домашната јавност пред да го потпише указот, бидејќи со потпишувањето на указот станува соучесник во оваа контроверзна ратификација!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.