| четврток, 6 декември 2018 |

Владимир Мартиновски: Да се пишува за љубовта е смелост

Со што друго може да се пофали човештвото? Некој рекол дека животот без музика би бил ужасна грешка! Веројатно ова би можело да гласи за сите уметности, или за уметноста воопшто

Есеист, поет, прозаист, професор на Филолошкиот факултет во Скопје, музичар, кој во слободно време кое ретко го има и црта. Владимир Мартиновски ви го гали срцето со поезијата, ве разнежнува свирејќи на музичките инструменти, ве копка по мислите со своите цртежи, успева целосно да им го задржи вниманието на студентите предавајќи Компаративни поетики. Тој е исклучителен примерок на мултимедијалните и интермедијалните уметници во добата на пост-постмодерната состојба на духот што би рекол за него писателот Венко Андоновски.

Неодамна се стекавте со звањето вонреден професор на катедрата по општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Што се обидувате да им пренесете на студентите на Вашите предавања?

Мартиновски: Проучувањето на книжевноста е невозможно без активно вклучување на колегите студенти. Затоа, како примарна задача секогаш си поставувам да ги мотивирам  мошне внимателно да ги прочитаат книжевнете дела што се предмет на проучување. Настојувам да ги уверам дека минуциозното читање не е само „обврска“ во студирањето туку, пред сè, влог во секој од нив како личност и проучувач на книжевноста. Настојувам разговорот да биде доминантна форма во наставата, бидејќи секој што го прочитал дело што се проучува може и треба да понуди различна и неповторлива интерпретација. Проучувањето на книжевноста подразбира плурализам на различни доживувања и толкувања на книжевните дела, така што пренесувањето знаења и искуства не се одвива само на оската професор-студенти. Стожерните податоци и научни сознанија се обидавам да ги изложам токму во контекстот на интерпретацијата на текстовите, бидејќи тогаш тие не се само „суви податоци“ кои треба да се запомнат за испит, туку алатки во проучувањето и за други книжевни дела. Исто така, во дискусиите најчесто се обидуваме да ги бараме врските на книжевното дело со дела од други автори, создавани во различни контексти, а тоа е честопати возбудливо.

Освен што предавате на студентите, пишувате поезија, свирите во составот „Баклава“, а во пауза меѓу сите овие активности цртате. Ако сликата вреди 1.000 зборови, а да се говори за музиката е исто како да се танцува за поезијата, тогаш што од ова Вам ви е најблиску?

Мартиновски: Деновиве во една книга на Андре Малро прочитав дека „уметноста е достоинството на човештвото“. Можеби на прв поглед звучи бомбастично, ама не би било лесно да се контрира на оваа теза. Со што друго може да се пофали човештвото? Некој рекол дека животот без музика би бил ужасна грешка! Веројатно ова би можело да гласи за сите уметности, или за уметноста воопшто. Не е случајно што постојат различни облици на уметничко творештво, а мене ми е секогаш возбудливо кога ги вкрстувам перспективите на практикување и проучување на една уметност. Повеќе од деценија огромен предизвик ми е проучувањето на односите меѓу книжевноста и другите уметности, што е неисцрпен домен на компаративната книжевност како книжевно-научна дисциплина. Неколку теориски книги и голем број статии посветив токму на интермедијалните односи меѓу поезијата и сликарството, во кои се обидов да покажам колку суштински врски постојат меѓу книжевноста на зборот и другите уметности.

vladimir martinovski1

Во Вашата последна поетска книга „Пред и по танцот“ продолжувате со истиот сензибилитет од стихозбирката „Квартети“. Како што вели и академик Влада Урошевиќ, смелост ли е денес да се пишува за љубовта?

Мартиновски: Неодамна објавената поетска книга „Пред и по танцот“ е всушност втор дел од една замислена лирска тетралогија, која започна со стихозбирката „Квартети“. Иако љубовта е доминантна тема пред сè во книгата со песни во проза „Побзај и почекај“, таа се провлекува и како еден од лајт-мотивите и во песните од најновата книга. Мислам дека зборот „смелост“ е еден од клучните зборови за уметничкото творештво: навистина, смелост е воопшто да се пишува по Софокле или Рембо, да се компонира после Бах или Стравински, да се слика после Микеланџело и Пикасо или, да се снимаат филмови после Кјубрик и Тарковски. Ама, уметниците немаат баш голем избор и мораат да бидат смели, бидејќи и тие можат да создадат нешто ново и различно од претходниците. Во познатата дебата меѓу „Старите и Модерните“ во францускиот класицизам, модерните имале една навидум парадоксална теза: дека модерните (современите) писатели се „постари“ од „старите/античките“ писатели т.е. оние од далечното минато, кои ги доживуваме како неприкосновени авторитети во некоја уметност. Да се пишува за љубовта после сите ремек-дела на таа тема е можеби смелост, да се пишува за љубовта кога се сее омраза е исто така смелост, ама тоа не значи дека не треба ни да се обидуваме.

Како го чувстувате комбинирањето на поезија и проза? Тоа го направивте во „Ехо од бранови“ со кој успеавте хаибунот да им го доближите уште повеќе на читетелите.

vladimir martinovski5

Мартиновски: Комбинирањето на поезијата и прозата во таа книга е резултат пред сè на еден експеримент. Работејќи на книгата „Квартети“ се обидов на напишам еден „квартет“ од хаибуни, а потоа за само неколку дена настана еден сосема нов ракопис. „Ехо од бранови“ ми е можеби и најдрагата досега напишана белетристичка книга, бидејќи во неа се обидов токму преку спојот на можностите на куста проза и хаикуто – да доловам некои едноставни, неповторливи, но за мене, битни мигови од животот. Посебно ме изненадува тоа што некои читатели ми велат дека ги препознаваат тие мигови и во нивните животи.

Хаикуто е куса поетска форма која се состои од три стиха и 17 слога. Дали ви е доволна за да се изразите? Какво е вашето мислење за македонската хаику-сцена?

Мартиновски: Иако некои велат дека хаику, поради кусата форма, е за „мрзеливи“ поети, пишувањето според параметрите на овој канонизирана лирски облик може да биде голем предизвик. Пред сè, затоа што нè упатува кон интетзивно доживување на обичните и одвај забележливи промени во светот околу нас, кој го нарекуваме природа. Во време кога погледот на сите ни е буквално заробен на сите видови екрани, хаику може да нè потсети на богатството на животот. Благодарение на хаику, поетот може да забележи дека е „сардисан“ не само со екрани, туку и со потенцијални поетски слики. Особено ме радува пред сè разновидноста на македонската хаику-сцена, во која има мошне успешни остварувања и различни пристапи.

Како да ја сочуваме насмевката на лицето, како да преживееме без никого да повредиме и на крајот на денот да заспиеме мирно?

Мартиновски: Не е лесно да се сочува природната насмевка на лицето, оти никогаш не знаеме што сè може да ни донесе следниот ден, дури и ако сме спиеле цврсто, безгрижно и со мирна совест. Доволно е некогаш малку да ѕирнеме во весниците или, да го вклучиме телевизорот, и да не ни е баш до смеење. Причини за загриженост и намуртеност може да најдеме на секој чекор. Но мислам дека уметноста може и треба да ја слави и радоста, која е исто така важен (ако не и најважен) дел од нашите животи. Во книжевноста се обидувам да пишувам и за ведрата страна на животот, бидејќи неретко ја забораваме и ја потценуваме.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top