| четврток, 6 декември 2018 |

Видео: Пандев поразен од Арсенал, а Георгиевски од Челси

Даниел Георгиевски и Горан Пандев немаа среќа денеска во Лигата на шампионите, откако со своите екипи претрпеа порази во рамките од второто коло во елитното европско натпреварување. Георгиевски со Стеауа беше поразен од Челси со убедливи 0-4, а за несреќата на нашиот десен бек да биде уште поголема тој постигна автогол во финишот од првото полувреме

liga na sampioni 1

При резултат 0-1 Челси организираше противнапад, домашниот голман успеа да одбрани, но на топката налета Георгиевски кој од пет метри ја смести во мрежата на Стеауа. По слабото издание, Георгиевски беше повлечен од игра во 70. минута од натпреварот. Во второто полувреме Рамиреш го постигна својот втор гол во Букурешт и ја осигура победата на Челси, а во самиот финиш прецизен беше и Лампард за конечни 0-3. Треба да се истакне и повредата на коленото на Фернандо Торес, поради која шпанскиот голгетер ќе мора да отсуствува извесно време од терените.

Месут Озил беше во главна улога при победата на Арсенал од 2-0 на дуелот против Наполи. Германскиот ас го постигна првиот и му асистираше на Жиру при вториот погодок за „топчиите“, додека на спротивната страна Горан Пандев немаше позначителна улога во тимот на Наполи. Македонскиот ас доби шанса во отсуство на повредениот Игуаин, но целосно се вклопи во сивилото на својата екипа и беше заменет во 60. минута со Мертенс.

pandev

Суперинтересно беше во финишот од мечот меѓу Ајакс и Милан, каде најпрвин домаќините поведоа во 90. минута, за потоа да добијат подарок од страна на судијата Јонас Ериксон, кој досуди непостоечки пенал за старт врз Марио Балотели. „Супер Марио“ го реализираше ударот од белата точка и Милан остана непоразен на овој мел, но холандскиот гигант сигурно ќе има големи замерки за контроверзната одлука на шведскиот арбитар.

Борусија Дортмунд рутински ја одработе задачата против Олимпик Марсеј славејќи со 3-0, Шалке благодарение на Дрекслер славеше со 0-1 во Базел, додека Фабрегас му донесе три бода на тимот на Барселона на гостувањето против Селтик.

Резултатите од денешното коло се:

Група Е: Стеауа – Челси 0-4, Базел – Шалке 0-1, табела: Шалке 6, Челси 3, Базел 3, Стеауа 0.

Група Ф: Арсенал – Наполи 2-0, Борусија Д. – Ол. Марсеј 3-0, табела: Арсенал 6, Борусија Д. 3, Наполи 3, Ол. Марсеј 0.

Група Г: Зенит – Австрија В. 0-0, Порто – Атлетико М. 1-2, табела: Атлетико М. 6, Порто 3, Зенит 1, Австрија 1.

Група Х: Селтик – Барселона 0-1, Ајакс – Милан 1-1, табела: Барселона 6, Милан 4, Селтик 1, Ајакс 1.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top