| четврток, 6 декември 2018 |

Блажевски и Демири се враќаат во репрезентацијата, ќе ги предводи Пандев

Дејан Блажевски и Мухамед Демири треба да се вратат во составот на македонската фудбалска репрезентација за завршните два натпревари од квалификациите за СП 2014 година, дознава ЕКИПА

blazevski golema
Напаѓачот на Хоризонт Турново со одлични игри во домашното првенство повторно го заслужува повикот, овојпат на в.д. селекторот Зоран Стратев, а Мухамед Демири заздрави од повредата што го мачеше подолг период и почна да настапува за швајцарскиот Сент Гален.
Се очекува и овојпат да не биде повикан Горан Попов, кој ја наруши дисциплината кај претходниот селектор Чедомир Јаневски и беше отстранет од селекцијата заедно со Стевица Ристиќ, пред квалификацискиот дуел со Србија.
Предводник, секако, ќе биде капитенот Горан Пандев, кој игра во одлична форма во Наполи, постигна два гола против Џенова во Серија А, а најавен е и вечерва во стартниот состав на „наполитанците“, за дуелот против Арсенал во ЛШ. На списокот на Стратев се очекува да се појават и сите останати стандардни репрезентативци, Новески, Шиков, Георгиевски, Пачовски, Тричковски, Ибраими, како и младиот Давид Бабунски. И овојпат меѓу репрезентативците нема да биде Ферхан Хасани, кој беше повреден по дебито и постигнатиот гол за Брондби, а на последниот меч за данскиот клуб одигра петнаесетина минути.
АЛИОСКИ НОВ ДЕБИТАНТ
Фудбалерот на Шафхаузен, Езгјан Алиоски, дознава „Екипа“, најверојатно, ќе биде дебитант во А-репрезентацијата на Македонија, за последните два натпревари од квалификациите за СП 2014. Стандардниот член на младата селекција до 21 година треба да добие повик во сениорскиот тим и да ја пополни левата бековска позиција, заедно со Александар Лазевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top