Делегатот на средбата со ПСЖ наводно е подготвен да поднесе пријава за некоректноста на публиката во „Борис Трајковски“, пишува Вечер.
Сѐ уште не стивнува еуфоријата за победата на македонскиот ракометен вицешампион Металург над милионскиот Пари Сен Жермен во 2. коло од Лигата на шампионите. Но, големиот триумф над богатите парижани би можел да биде засенет од делегатот на натпреварот, Чехот Јири Конечни.
Тој, наводно, не бил задоволен од публиката во салата „Борис Трајковски“, навивачите кои феноменално и со срце навиваа од првата до последната минута од натпреварот и го носеа Металург до големата победа.
Конечни се пожали дека бил плукан од некои лица од публиката, се пожалил и дека бил влечен за рака додека се движел покрај аут-линијата, кога ги разрешувал спорните одлуки на судиите.
Во ракометните кругови веќе се шпекулира дека Јири планира да поднесе пријава во ЕХФ за лоша организација на натпреварот. Доколку тоа се случи, според правилата, Металург може да заработи висока парична казна, а во најлош случај да игра без публика.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.