| четврток, 6 декември 2018 |

Владата на САД под финанскиска блокада

Владата на САД е под закана за финансиска блокада која почнува од утре 1 октомври. Ова поради фактот што двата дома на конгресот неможат да постигнат компромис за усвојување на буџетот, јавува МИА. Се очекува Сенатот вечерва да гласа за предлогот на Претставничкиот дом, со кој се одобрува финансирање на сите
институции, но се бара пакетот здравствени реформи „Обамакер“, кој исто така стапува во сила на 1 октомври, да се одложи во рок од една година.

Се очекува демократите, кои имаат мнозинство во Сенатот и не сакаат да слушнат за одлагање на „Обамакер“, да го одбијат овој предлог на републиканците, кои пак имаат мнозинство во Претставничкиот дом. Бидејќи седницата на Сенатот се очекува да почне најрано во 14 часот по локално време (20 часот по средноевропско верме), се стравува дека нема доволно време за каков било договор меѓу двете политички апротивставени страни.

– Сенатот ќе го стори тоа што најавивме дека ќе го сториме. Ќе ги отфрлиме овие мерки. Републиканците ќе добијат само еден избор или ќе ни дадат буџетска резолуција без никакви условувања или ќе предизвикаат блокада на Владата, изјави Адам Џентелсон, портпарол на спикерот на Сенатот Хери Рид.

Финансиска блокада на Владата ќе значи дека некои од суштинските државни институции ќе можат да работат, но голем дел од нив од утре ќе бидат затворени. Во армијата, војниците ќе продолжат да работат нормално, но можно е нивните плати да бидат блокирани, иако двете страни во Конгресот најавија подготвеност одделно да постигнат договор
за финансирање на војската.

Но, околу половина од цивилните службеници на Армијата ќе бидат пратени на неплатен принуден одмор додека не се разреши прашањето на буџетот. Поштата ќе продолжи да работа, и двете најголеми социјални програми, „Медикер“ и „Медикејд“ ќе продолжат да им даваат помош на сиромашните и здравствено осигурување на пензионерите, а и парите за надомест за невработените ќе бидат исплаќани. Но, програмата СНАП, позната како прехранбени картички, со која неколку десетици милиони сиромашни Американци можат да купат храна, ќе биде запрена.

Судството ќе работи нормално во првите 10 дена, а потоа се очекува службениците кои не се суштински потребни да бидат пратени на принуден одмор.

Целосно ќе бидат затворени националните паркови, популарните музеи „Смитсонијан“ во Вашингтон, „Статуата на слободата“ во Њујорк и Музејот во затворот Алкатраз на островот Елис во Сан Франциско, како и голем број други знаменитости, чии вработени нема да доаѓаат на работа.

Една од работите за кои граѓаните веројатно нема да протестираат многу е најавата на даночната служба ИРС дека, во случај на блокада на Владата, ќе престане да врши нови истраги за даночни прекршоци. Но, сепак, граѓаните и натаму ќе мора да плаќаат даноци.

Затворите, безбедносните служби како што се аеродромската безбедност, крајбрежната стража, тајната служба и имигрантската агенција, како и службите задолжени за безбедност на храната ќе работат нормално, а и НАСА ќе продолжи да работи на виталните проекти, како што е Меѓународната вселенска станица. Но, затоа инспекторите за безбедност при работа ќе останат дома.

Во медиумите се води огорчена борба меѓу републиканците и демократите за тоа кој ќе биде виновен за евентуалната блокада на Владата, која последен пат се случила во период од 28 дена во 1995-1996 година. Но, дури и да се постигне брзо решение во Конгресот, ова е само загревање за судирот околу лимитот на долгот, кој се очекува во средината на октомври.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top