Заменик-министерот за земјоделство, Зоран Коњановски, денеска се сретна со производителите на тутун во Прилеп, со вработените во подрачната единица на Министерството и со раководството на Тутунскиот комбинат пред почетокот на раниот откуп на тутунот во кутии, кој почнува од први октомври.
Според Коњановски, целта на средбата, посебно со производителите, е да слушне како се подготвени за раниот откуп на тутунот.
– Ова е моја редовна посета пред почетокот на раниот откуп на тутунот за да видам како се сите подготвени за почетокот на кампањата. Очекувањата се годинава да се преземат околу 30.000 тони од годинашнава реколта, што е повеќе од лани кога се откупија 27.000 тони тутун. Околу 42.000 договори се скучени на ниво на држава меѓу откупувачите и оние кои произведуваат тутун – изјави Коњановски.
Според заменик-мнистерот, во Македонија расте интересот за производството на тутун, а државата континуирано го субвенционира.
– Интересот за производство на тутун расте со оглед на тоа дека имаме стабилен откуп, имаме здрави претпријатија кои откупуваат, редовна исплата, но имаме и редовни субвенции кои ги дава Владата. На тутунарите им кажав дека, во согласност со, петгодишната владина програма, субвениционирањето на Владата ќе продолжи и понатаму – рече Коњановски.
За Коњановски ова е битен сектор, производството и прометот на тутун и тутунски преработки, зашто во домашниот бруто-производ учествува со 3,2 проценти.
Во раниот откуп на тутунот, кој почнува од 1 октомври и ќе трае до крајот на месецот, планирано е да се откупат од 6.000 до 8.000 тони тутун.
– Очекуваме тутунот, кој ќе биде донесен за откуп, да биде квалитетен и да има добра цена – изјави Коњановски.
Од разговорите со тутунарите и откупувачите, договорено е да се постигне повисока просечна откупна цена и тоа од сортите „Прилеп“ и „Јака“ и се очекува да биде повисока од 4 до 8 проценти од ланската, која беше нешто над 180 денари за еден килограм. За Министерството е најбитно двете страни да се задоволни, да има добар откуп, добар род, рече Коњановски.
Од десетте регистрирани откупувачи во земјава, пет компании ќе преземаат во раниот откуп.
Коњановски со одговор на прашањето што очекува утре кога на седница на парламентот ќе се најде владиниот предлог-закон за претворање на јавниот долг на комбинатот во траен влог на државата.
– Очекуваме овој добар предлог на Владата да биде прифатен од Собранието и Тутунскиот комбинат да застане на здрави нозе, со јак партнер, кој во иднина многу ќе значи за Тутунскиот комбинат, вработените, но и за производителите – рече Коњановски.
Според Данчо Милевски, претседател на Сојузот на тутунските здруженија, реколтата тутун е квалитетна и се очекува повисока откупна цена.
– Очекуваме просечната цена да достигне 195, па и 200 денари за еден килограм тутун. Инаку, Македонија во регионот во моментов е најдобро позиционирана во поглед на призводството на тутун зашто има највисоки субвенции од државата која го поддржува – вели Милески.
Како што изјави Александар Спиркоски, директор на ДООЕЛ „Тутун“ при комбинатот, прилепскиот тутунски комбинат е подготвен за раниот откуп на тутунот од први октомври. Не се очекуваат никакви проблеми, ќе има навремена исплата и сега треба да се откупат од 500 до 700 тони тутун.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.