| четврток, 6 декември 2018 |

Извадени стотина килограми тежок отпад од Охридското Езеро- нуркачите го чистеа дното за Гинис

Во втората по ред синхронизирана глобална акција во соработка со GUWAA (Global underwater awareness association) домашните нуркачи заедно со нивните илјадници колеги нуркачи учествуваа во глобалното чистење на уште толку реки, езера и мориња и со тоа се очекува да постават Гинисов рекорд во максимален број на нуркачи- учесници во синхронизирано подводно чистење, кое траеше 24 часа во 80 земји од светот. Втората глобална подводна акција за чистење на водите во светот која викендов ја спроведе тим од тиесетина нуркачи од „Сојузот на Подводни Активности на Македонија“, спелеонуркачкиот клуб „Врело“, „Амфора“ од Охрид, „Акватек“ од Скопје и „Клубот на подводни активности- Охрид“.

podvodna akcija

– Драго ми е што македонските нуркачи повторно се обединија за ваква благородна мисија, а нивниот број годинава е двојно поголем од лани. Оваа година учествуваме во акција која треба да стане дел од историјата со влегувањето во Гинисовата книга на рекорди, па нашата задача и одговорност се двојно поголеми. Сепак ќе мора да почекаме неколку дена за да излезат официјалните резултати на глобално ниво за да можеме да потврдиме дека сме ја испишале историјата во Гинис – истакна г-дин Киро Ангелески, претседател на спелеонуркачкиот клуб „Врело“.

podvodna akcija2

Како и минатата, така и оваа година од дното на Охридското Езеро, во двата дена колку што траеше акцијата, беа извадени стотина килограми тежок отпад како гуми, лименки од пијалоци, стаклени шишиња и ситен и крупен железен отпад.

podvodna akcija3

– Посебно задоволство ми претставува фактот што ја имав можноста да го водам тимот кој учествуваше во оваа манифестација составен од мои искусни колеги, долгогодишни нуркачи со кои постигнавме двоен успех. Сакаме оваа акција да прерасне во традиција и да стане препознатлива во светски рамки, како и да влезе во Гинисовата книга на рекорди- вели Периклија Бешка, претседател на „Сојузот на Подводни Активности на Македонија“ и додава дека за првпат акција за чистење на тврд отпад во водите на Охридското Езеро се бележи во 1996-та година, а оттогаш па наваму активностите се надополнуваат и надградуваат со воведување на конкретни чекори и средства за едукација на граѓаните во заштита на човековата околина со посебен акцент на заштита на водите во Македонија.

podvodna akcija4

Втората по ред синхронизирана глобална акција за чистење на водите во светот почна во Монако, а продолжи со синхронизирано чистење на крајбрежјата во 80 земји од светот меѓу кои беа и нашите соседи Хрватска, Словенија, Србија, Бугарија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, но и во Франција, Италија, Белгија, Англија и многу други земји.

podvodna akcija5

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top