| четврток, 6 декември 2018 |

СДСМ: Власта е таа која ја поткопува преговарачката позиција на Македонија

sdsm

На обвинувањата од Влатко Ѓорчев изнесени на прес конференција на ВМРО ДПМНЕ дека Радмила Шекеринска ги загрозува националните интереси и позицијата на државата во спорот за името со изедначувањето на вината на македонските и грчките власти, одговори СДСМ:

Власта која нема одговор на ниту едно од прашањата кои си ги поставуваат македонските граѓани одбира да лаже за тоа кој навистина го влошува имиџот на Македонија и ги нарушува нашите позиции во спорот со Грција околу нашето уставно име. Вистината е дека токму неодговорните и недемократски политики на ВМРО ДПМНЕ и нанесуваат непоправлива штета на Македонија. И нанесува непоправлива штета фактот дека во Македонија секоја година тонат, на сите објективни листи, медиумските слободи.  Се затвараат медиуми, се ограничува слободата на изразување. На Македонија и причинува ненадоместлива штета фактот дека судовите носат одлуки по партиска мерка, дека највисоката сиромаштија во Европа е регистрирана овде, токму во Македонија. На Македонија и нанесе ненадоместлива штета дека власта, владата и претседателот на македонското Собрание наредија најдиректно да се крши македонскиот Устав и македонските закони, со исфрлањето и на опозицијата, меѓутоа и на новинарите од законодавниот дом.Ова се работите коишто постојано ја поткопуваат македонската преговарачка позиција. Ова се работите коишто Македонија секојдневно ја кочат во нејзиниот оправдан пат кон европско членство и членство во НАТО. Сакаме воедно да ја потсетиме така наречената патриотска партија којшто сите ги обвинува дека недоволно ги бранат позициите на државата, помалку да ја брани државата на зборови, а повеќе на дела. Токму квази патриотите од ВМРО ДПМНЕ се согласиле нивната партија да биде примена во асоцијација на конзервативни партии – ЕПП, односно, до ВМРО ДПМНЕ да стои најлошата формулација за кратенка која било кога сме ја виделе – ФИРОМ. За разлика од ВМРО ДПМНЕ, СДСМ во т.н. Социјалистичката интернационала е дефиниран како Социјалдемократски сојуз на Македонија, се вели во реакцијата на СДСМ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top