| четврток, 6 декември 2018 |

„Кралот“ падна во Мадрид, Атлетико владее во шпанската престолнина (видео)

Атлетико Мадрид ја продолжи импресивната серија победи во шпанското првенство, а синоќешната со 1-0 против градскиот ривал Реал е најслатка во низата од 7 успеси.

Популарните „јорганџии“ го надмудрија кралскиот клуб, а егзекутор со гол во 11. минута беше Диего Коста со седмиот погодок во новото издание на Примера Дивизија. Бразилецот рутниски го совлада Лопес, по асистенцијата на Коке и уште еднаш потврди дека е калибар на напаѓач за да игра во шпанската репрезентација. Фудбалската федерација на Шпанија сака да му даде пасош на корпулентниот шпиц на Атлетико за да може да настапува за „црвената фурија“.

За разлика од него тивок беше Кристијано Роналдо кај Реал и тоа е една од причините за поразот, што ги остави „кралевите“ на третата позиција со 16 бода, 5 помалку од водечкиот двоец Барселона и Атлетико, екипи што имаат максимален учинок од 7 победи и по 21 бод.

Барселона на гостински терен ја победи Алмерија со 2-0, Валенсија беше подобра од Рајо Валјекано и славеше со 1-0, а нерешено заврши дуелот во Сан Себастијан меѓу Реал Сосиедад и Севилја, со по еден подгодок во двете мрежи.

Денеска се играат останатите натпревари од седмото коло.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top