Северноамериканската професионална кошаркарска конкуренција соопшти дека традиционалниот викенд на сите НБА ѕвезди („ол-стар“) во 2015-та година, ќе се одржи во Њујорк и тоа за прв пат во две сали.
Имено, во Големото јаболко во моментов играат два НБА клуба, Њујорк „Никс“ и Бруклин „Нетс“, па публиката во двете сали ќе може да ужива во мајсториите на најдобрите играчи на светот.
Натпреварот на тимовите составени од новајлии, како и централниот дуел на најдобрите играчи ќе се одржи во „Медисон Сквер Гарден“, во домојт на „Никс“, додека арената „Барклис центар“, во која настапуваат „Мрежичките“, ќе биде домаќин на натпреварите во шутирање тројки, забивање и во вештини.
„На овој начин публиката во Њујорк ќе има прилика да ужива во две сали, прв пат во историјата на викендот на сите ѕвезди. Сакаме кошарката да се слави насекаде во Њујорк“ изјави комесарот на НБА лигата, Дејвид Штерн по овој повод.
„Ол-стар“ викендот во Њујорк ќе се одржи од 13-ти до 15-ти февруари 2015-та година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.