Летниот преоден рок донесе неколку сензационални трансфери во фудбалот, а како никогаш досега се трошеа милиони евра за да се ангажираат квалитетни играчи. Герет Бејл го урна рекордот, со преселбата за 100 милиони евра од Тотенхем во Реал Мадрид, а „кралевите“ не се задоволија само со купувањето на 23-годишниот Велшанец, па потрошија уште 50-на милиони евра за ангажман на Иско и Илјарименди. Влијателни „играчи“ на богатиот и многу жив фудбалски пазар, беа и Пари сен Жермен, Монако, каде сопственици се милијардери од странство, потоа и Манчестер сити, Барселона, Манчестер јунајтед, Тотенхем, Наполи…
Новата сезона започна во најсилните фудбалски првенства, се одиграа по 6-7 кола, доволно за прв впечаток и анализа на учинокот на скапите ѕвезди, што ја сменија средината во летниот преоден рок. Кои фудбалери веднаш од стартот имаат значително влијание на играта на своите нови клубови, од кого се очекува повеќе, има ли и такви што потфрлија на стартот?
Се чини дека поголемиот дел од над милијарда евра што се свртеа и инвестираа на фудбалската берза, барем според стартот на сезоната се покажаа како оправдани. Иско, Озил, Мињоле, Фалкао, Михтаријан… го потврдија квалитетот, а многу повеќе се очекува од рекордерот Герет Бејл, од Кавани, Фелаини, Љоренте, Матри…
Германец за само 160 минути го стресе Лондон, Реал си доби неочекуван џек-пот
Вистинска Озилманија владее во Лондон на северната страна од градот каде владеат „топчиите“ од Арсенал. Месут Озил пристигна во Арсенал за 50 милиони евра, што е најскап трансфер во историјата на клубот, но и на германски фудбалер. Озил буквално беше прогласен како вишок во Реал Мадрид и во последен час ја смени средината, но за велемајстор на фудбалската игра каков што е Месут и тоа не е голем проблем.
Експресно се прилагоди на специфичниот стил на игра на „топчиите“ и за само 160 минути игра покажа дека тој е алката што со години му недостасувала на Арсенал за поголеми дострели. Го разигра средниот ред на тимот од „Емирејтс“, со елеганцијата и неверојатното чувство за асистенција придонесе за поголема ефикасност. И маркетиншки неговото пристигнување во Лондон се покажа како магичен потег. Озилманијата носи и голема продажба на дресот со број 11, што му припаѓа на новата ѕвезда на Арсенал. Неверојатно добар бизнис на Арсен Венгер и на раководството на „топчиите“.
Рамо до рамо на врвот со Озил е Франсиско Роман Аларкон Суарес, или скратено Иско. Младинскиот репрезентативец на Шпанија има само 21 година, а воопшто и не беше меѓу најскапите играчи во последниот термин за купо-продажба на играчи. Тоа не му пречи да блеска. Тој ја презеде улогата на Озил и игра фантастично добро. Досега постигна 6 гола на 7 натпревари, а има и неколку феноменални асистенции. Реал плати 30 милиони евра за 5-годишна верност на Иско.
Влијанието на „дваесет и тројката“ на играта на клубот од Мадрид е Џордановско и се чини дека инвестицијата е една од најдобрите за Реал во последните децении. Брз, интелегентен и опасен техничар со безброј мудри решенија, момчето од Беналмадена импресионира со настапите на стартот од новата сезона. Потегот на Флорентино Перез и Реал да се ангажира Иско е оценет како брилијантен.
Поопширно прочитајте во новото издание на магазинот „Република“ што излезе од печат денеска, 27 септември…
Пишува: Зоран Поповски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Косово е противник на Македонија во полуфиналето во Лигата на нации
-
Семејството скршено од тага пристигна на стадионот- сопругата на Вичај од овој детаљ ќе се струполеше на земја
-
Десната рака на газдата, убавица од Тајланд и пилотите… кои беа жртвите од несреќата на „Кинг Пауер“?(Видео)
-
Модриќ: Гризман ја заслужува „Златната топка“




