Пред објавувањето на извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија, најавени се многу посети на земјава до крајот на годинава на пратеници од Европарламентот, јавува МИА од Брисел.
Тие, како и скорешните посети на претставници од европскиот законодавен дом, се оценува како поддршката на Република Македонија во обезбедувањето на датум за почеток на преговорите за членство во Европската унија.
На почетокот на оваа недела, по повод заедничката конференција на Европскиот парламент и македонското Собрание, на тема „транспарентност“ Македонија веќе ја посетија известувачот од сенка од Европарламентот, Едвард Кукан (Словачка, Европски народни партии-ЕПП), Рајнер Виланд (ЕПП), Ласло Сурјан (ЕПП), Тања Фајон (Социјалисти и демократи-С/Д) и Кнут Флекенштајн (С/Д), кој е и член на Комитетот за надворешни работи на ЕП.
Во исто време дојдоа и група пратеници во Европарламентот од таборот на Социјалистите и демократите (С/Д), на чело со нивната потпретседателка Либор Роучек. Со неа беа и Хрватот Тонино Пицула и Германецот Јирген Сил и тие се сретнаа со вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими.
Идната недела во Скопје ќе допатуваат четворица европратеници што се членови на групата „Пријатели на Македонија“ во Европскиот парламент. Предводени од Мартин Каслер (Германија, ЕПП), кој е и претседавач со групата, нашата земја ќе ја посетат и македонските пријатели Туне Келам (Естонија, ЕПП), Ана Заборска (Словачка, ЕПП) и Кристина Гутиерез-Кортинес (Шпанија, ЕПП).
Потоа се најавени известувачот и известувачите од сенка од ЕП за Македонија. Со оглед на тоа што тогаш се оддржува и заедничкиот парламентарен комитет на ЕП и нашето Собрание, во Скопје ќе пристигнат Ричард Ховит (В.Британија, С/Д), Мари Корнелисен (Холандија, “Зелени” и Европска слободна алијанса), Норика Николај (Романија, Алијанса на либерали и демократи за Европа), Едвард Кукан (Словачка, ЕПП) и Чарлс Тенок (В.Британија, Група на европски конзервативци и реформисти).
По покана на невладината „Конрад Аденауер Штифтунг“ на политичка дебата и на Паневропска конференција, на почетокот на ноември ќе допатува и поранешната претседателка на Пактот за стабилност, сега европратеник од Европските народни партии, Дорис Пак (Германија).
Масовната посета на пратеници од Европскиот парламент на Македонија, годинава ќе заврши со доаѓањето на Словенецот Алојз Петерле (ЕПП).
Според најавите, со посетите европратениците сакат да ја покажат силната поддршка што Европскиот парламент ја дава на Македонија за земјата да го почне пристапните преговори, што неколку години наназад е изразено и цврство се бара и во Резолуциите што ЕП ги издава за македонската држава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Ситуацијата е алармантна и треба да се реагира: Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата поднесоа Информација за енормното загадување на воздухот
-
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ до Собранието доставија предлог за формирање Анкетна комисија
-
Европратениците не се обврзани на транспарентност за додатоците
-
Граѓанин вербално ги нападна Стојаноски, Лазаревска и Тунтев, интервенираше полицијата (видео)


