Серена Вилијамс е икона на женскиот тенис и една од најдобрите во историјата на оваа игра, а потврда е податокот на ВТА дека и оваа година ќе ја заврши на врвот. За 12 месеци освои 9 титули, две од нив на гранслем турнирите на Ролан Гарос во Париз и на САД опен во Њујорк, што покажува дека апсолутно заслужено финишот на 2013 година ќе го дочека на тронот.
„Во текот на целата кариера Серена докажуваше дека е вистинска шампионка и на теренот и надвор од него. И сезонава редеше успеси, што ја прави една од најдобрите спортистки на сите времиња“, изјави Стејси Аластер, извршната директорка на ВТА.
Во февруари годинава со полни 32 лета, Серена стана највозрасната тенисерка, што била број 1 на светската ранг-листа. Со 55 трофеи во сингл и 22 во игра на двојки, таа е меѓу најтрофејните во историјата на играта. По третпат Американката ќе заврши сезона на челната позиција, а одамна си обезбеди и настап на завршниот турнир, на популарниот ВТА шампионат. Турнириот ќе се одржи во Доха од 22. до 27. октомври со учество на најуспешните 8 тенисерки во 2013 година. Со Серена сигурно учество досега имаат и Азаренка, Шарапова, Агњешка Радванска и Ли На.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.