Алпинист шетајќи по Монт Блан нашол скапоцени камења вредни стотици илјади евра, пишуваат француските медиуми. Скапоценото откритие се случило на 9 септември, а чесниот пронаоѓач веднаш ги однел кај локалната полиција, сфаќајки дека тие му припаѓаат на некој кој загинал на глечерот.
Пронајденото мало богатство се состои од смарагди, сафири и рубини, кои од локалните изработувачи на накит се проценети меѓу 130.000 и 246.000 евра. Исто така тие потврдуваат дека скапоцените камења се со потекло од Индија. Да се пронајде кој е сопственик на изгубеното богатство во Алпите се најавува како многу тешко. Скапоцените камења се најверојатно од падот на еден индиски авион во 1966, кога еден Боинг 70, Кангшенжунга се сруши на 24 јануари 1966. Во оваа несреќа загинаа 117 лица.
Авионот леташе на линијата Бомбај-Њу Јорк. Еден друг индиски авион се има срушено на Монт Блан во 1950 година, Ле Малабар Принцес, при што загинаа 58 лица. Оттогаш, алпинистите редовно наоѓаат делови од трупот на авионот, куфери, па дури и човечки остатоци. Во 2012 година е пронајдена индиска дипломатска пошта.
Според францускиот Граѓански законик, поточно членот 716, пронајденото богатство ќе му припадне на пронаоѓачот во случајот младиот алпинист, ако не бидат пронајдени сопствениците на скапоцените камења. Шефот на локалната жандармерија Силван Мерли, мисли дека младиот алпинист не бил запознаен со оваа законска одредба и се покажал многу чесен, бидејќи можел да си ги земе, без да ги пријави на никого.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


