| четврток, 6 декември 2018 |

Кумановци најхрабри кога е во прашање развод

Најкритични во бракот се првите три години, кога двајцата сопружници се приспособуваат

Кумановци најчесто се решавале на растурање на брачната заедница. Кумановскиот Центар за социјални работи во изминатата 2012 година бележи 155 разводи. Најчесто сопружниците се разведувале поради кавги и несогласувања, кои со години се наталожувале во заедницата, а најчести се нетолеранција, прељуба, финансии, како и печалбарството, кое доведува до отуѓување меѓу сопружниците.

– Сопружниците, најчесто поради недостиг од финансиски средства претходно не се решавале за прекин на заедницата, но сегашната финансиска моќ им овозможува самостоен живот – вели Сузана Митровска од одделението за брак и за семејство од Центарот за социјални работи.

Таа посочува дека најкритични во бракот се првите три години, кога двајцата сопружници се приспособуваат. Во овој период, подвлекува, разводите неретко се случуваат и поради мешање на трето лице, а станува збор за припадници на семејствата на сопружниците.

Критичен период за кумановските сопружници се и средната доба, особено во периодот кога децата стигнуваат во фаза на пубертет. Во овој период и родителите се во специфична фаза од животот, што доведува до нарушувања на брачните односи, а произлегува од нискиот степен на толеранција. Во однос на периодот на помирување, кој трае три месеци, со сопружниците работи стручен тим од Центарот за социјални работи. Според статистиката, само два до три проценти од сопружниците се помируваат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top