| четврток, 6 декември 2018 |

Проект за регулација на тарифирањето на водата

cesmaВоспоставување економски инструмент за имплементација на првите чекори за примена на принципот „загадувачот плаќа“ во секторот води, собирање и третман во согласност со идниот развој на финансиски одржливи инвестициски проекти, е крајната цел на изработката на студија за тарифи за вода.

Проектот почна на 7 мај, а се очекува да заврши до јуни догодина. Финансиран е од Европската унија, преку ИПА програмата, а ќе се имплементира во водоводните претпријатија во Прилеп, Скопје и Куманово.

Идејата, според ресорниот министер Абдилаќим Адеми, е да се создаде посебно регулаторно тело за води и да се воспостави систем за тарифирање на водата, што сега е во надлежноста на општините.

– Во земјава секоја општина има посебна методологија, за која немаме увид дали се применува или не. Идејата е да имаме унифицирана методологија, според која ќе се утврди точната цена на вода за пиење и третман на води што значи треба да утврдиме реална цена за водата со цел да имаме самоодржливии системи. Секоја општина ќе треба да има посебна цена на водата за пиење и за третман на отпадни води, каде ќе бидат калкулирани сите трошоци за вода, што можеби ќе значи повисока цена за вода за граѓаните, но и поквалитетна услуга, за количините и квалитетот на водата, појасни Адеми.

Македонија, додаде, како земја кандидат за членство во Европската унија е исправена пред големи предизвици во секторот води, околу  исполнувањата на барањата содржани во директивите на ЕУ кои се однесуваат на водоснабдувањето, собирањето и третманот на отпадните води.

– Во таа насока многу е важно да се воспостават механизми кои ќе им овозможат на општините самостојно да почнат да ги прават и првите чекори во спроведувањето на двата многу важни принципи врз кои се базира одржливото управување со сите инвестициски и комуналните објекти кои се во функција на заштита на животната средина, а тое се примена на приниципот „загадувачот плаќа„ за влијанијата врз животната средина и принципот за надоместување на трошоците за дадените услуги, рече Адеми.

Квалитетот на водата, според евроамбасадорот Аиво Орав, е клучен елемент за подобрување на квалитетот на живот.

– Живееме во свет кој брзо се менува, каде водата е скапоцен ресурс и затоа мораме да имаме интегриран пристап во водењето со ресурсите ефективно и ефикасно. Проектот ќе ги предложи најдобрата методологија за навремена имплементација, ќе ги разгледа досегашните тарифи за вода, а крајниот резултат ќе биде предлог на нови тарифи, а паралелено со тоа ќе биде направен економски инструмент за избалансирано тарифирање, рече Орав.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top