| четврток, 6 декември 2018 |

Меси vs Роналдо – Фудбалски ривалитет за сите времиња и вкусови

Лионел Меси и Кристијано Роналдо се двајцата апсолутни фудбалски владетели на планетата, играчи од кои застанува здивот и велемајстори со „бубамарата“, за сите времиња и фудбалски вкусови.

Ривалитетот, иако двајцата се сосема различни, е на највисокото рамниште и можеби е и најголем во историјата на фудбалската игра. Меси е член на Барселона, Роналдо на Реал Мадрид, па и тоа дава посебен шарм, бидејќи се работи за двата вечни ривали во Шпанија и екипи од топ-10 на сите времиња.

Аргентинското чудо Меси се одликува со неверојатна техника, природна дарба за фудбал, истенчено чувство за правовремена асистенција и гол, а кроткиот карактер го направи омилен и многу пошироко од заедницата на Барселона. Тој е идол на милиони млади луѓе на планетата.

Бајката на Меси и магијата на Роналдо, мит на светскиот фудбал

Приказната за Меси е на ниво на бајка од пионерските години и постојано добива нови и поубави поглавја. За него нема недостижна цел, рекорд што не може да се урне, а веќе се запиша како прв на вечните листи во неколку категории. Со 91 гол во една сезона го мина легендарниот Герд Милер, го заврте кругот во Шпанија, откако на сите противници во низа им даде барем по еден гол. И на почетокот на оваа сезона повторно е лидер со 6 гола. Тој е дел од неверојатното трио на Барса, со Чави и Иниеста што воведе револуција во фудбалот, со наметнување на „тика-така“ играта. Посед на топка против сите противници над 70 проценти, прецизност на додавања на слично ниво, број на пасови во тек на меч убедливо најмногу од сите екипи на планетата, совршена игра за око, патем и ефикасна, што носи титули. Тоа е Барса, најдобрата европска екипа во последните неколку години, со централна фигура Лео Меси. Има само 26 години и како игра, пред него се уште многу титули и индивидуални признанија.

FC Barcelona vs Real Madrid

Кристијано Роналдо е сосема поинаков ков на фудбалер од Меси. Физичката сила, совршените дриблинзи, атлетицизмот и пргавиот карактер, но и упорноста да успее, го прават да биде омилен кај огромна популација и главен конкурент и ривал на аргентинецот на фудбалскиот терен. Изгледа магично на теренот, ѓаволски тешко е да му се одземе топката, а со индивидуалниот квалитет честопати сам го носеше Реал до победи. Голем индивидуалец, контра тимскиот дух на Меси. И со последниот гол вчера против Хетафе, кога со петица ја затресе мрежата на локалниот ривал од Мадрид, потврди дека е велемајстор на фудбалската игра.

FC Barcelona vs Real Madrid

Би било интересно, Лео во Реал, Кристијано во Барса

Нивната битка се издигна на ниво на митска, а вистинска атракција стана и вечното шпанско дерби меѓу Реал Мадрид и Барселона, токму поради нив двајцата.

Португалецот е три години постар од Меси, повисок е, постабилен и побрз од конкурентот, но ги нема титулите и головите на „малиот“ аргентинец. Дриблинзите се различни кај двајцата, но еднакво ефектни, слободните удари исто, а се друго ги разликува. Роналдо игра подобро со глава, Меси е подобар тимски играч, техниката е адут на ѕвездата на Барселона, брзината е на страната на Португалецот, а интересно е што би било, кога би ги смениле клупските бои.

Може ли Меси да ја наметне пас играта во Реал Мадрид и да го подобри тимскиот дух, на нивото на Барселона? И дали Роналдо би давал погодоци кај Каталонците, како што тоа сега го прави гол-машината Меси. Би се снашол ли Кристијано во „тика-така“ шемата на „гордоста“ на Каталонија. Веројатно со голем процент фудбалските симпатизери би одговориле со „Да“ на сите претпоставки, а нам ни останува да уживаме во мајсториите на Меси и на Роналдо и во нивната битка, одамна означена како дуел на „Титаните“.

 

Пишува: Зоран Поповски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top