Штефан Филе денеска е во Њујорк каде ќе се сретне со медијаторот во грчко-македонскиот спор, Метју Нимиц. Еврокомесарот за проширување сака лично од Нимиц да се увери околу изгледите за решавање на спорот за името. Средбата Филе – Нимиц се случува на помалку од еден месец од најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија. Според дел од написите, Филе сака да “опипа пулс” за да знае дали на 16-ти октомври, како и лани да предожи нешто слично во однос на тоа Македонија да ги почне преговорите за членство со решавање на наметнатиот спор од Грција во раната фаза од преговорите.
За името синоќа во Њујорк разговараа и генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун и грчкиот вицепремиер и министер за надворешни работи Евангелос Венизелос. Според соопштението од кабинетот на Бан „Соговорниците разменија мислења за перспективите за решавање на спорот за името, вклучително и исходите од неодамнешната посета на Метју Нимиц“.
Спорот со името ќе се најде на дневен ред и на Собранието на Обединетите нации во Њујорк, на која ќе присуствуваат и премиерот Груевски и министерот за надворешни Поповски. Поповски пред заминува рече дека и покрај тоа што не е предвидена средба со Венизелос, тој ќе го покани да се видат и да разговараат за спорот околу името.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


