Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски учествуваше на Осмиот состанок на Комисијата за широкопојасен интернет и дигитален развој кој вчера се одржа во Њујорк.
Ивановски во своето обраќање ја отворил и темата за високите цени на роаминг-услугите кои ги плаќаат македонските граѓани и апелирал до потпретседателот на Европската комисија Нели Крос, која исто така учествуваше на состанокот во Њујорк, да ја поддржи иницијативата што Македонија ја започна со Србија и Црна Гора. Тој побарал и побрзо да се направат неопходните измени на регулативата во Брисел за да можат граѓаните на Република Македонија да плаќаат исти услуги како и граѓаните на земјите-членки на ЕУ.
Покрај повеќето билатерални средби, министерот Ивановски потпишал Меморандум за разбирање во областа на информатичката технологија за земјоделски услуги, со потпретседателот на корпорацијата Интел, Џон Дејвис.
– Ова ќе овозможи руралните микропретприемачи да им нудат услуги за земјоделците во руралните заедници со користење на компјутерски уреди. Тоа ќе обезбеди три клучни придобивки за земјоделците – намалување на трошоците преку поефективна употреба на ѓубрива, намалување на влијанието на хемикалиите врз животната средина и подобрување на приносите и обезбедување на поголем приход, соопшти Министерството за информатичко општество и администрација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



